петок, 26. февруари 2021. Вести денес: 113
home Вести

Протест против урбаната мафија во Карпош (ВИДЕО)

Протест против урбаната мафија во Карпош (ВИДЕО)

Урбаната мафија зима се поголем замав. Денеска во скопската општина Карпош се одржа граѓански протест на кој жителите побараа да се прекине со градба на станбени згради, а јавниот простор да се пренамени во парк.

Прво би сакал да Ви се заблагодарам на секој еден од Вас што попладнево одвои време да биде тука со нас – за заедно да се спротивставиме, да кажеме НЕ и да се обидеме да спречиме една активност на Општината Карпош и градоначалникот Стефан Богоев. Исто така, на самиот почеток би сакал да Ве замолам за одговорно однесување на денешниов протестен собир и почитување на сите мерки пропишани од здравствените власти, а во насока на справување со пандемијата предизвикана од Ковид 19, рече на денешниот протест во општина Карпош, Роберт Вељановски.

-Тука сме бидејќи градоначалникот Стефан Богоев и Општината Карпош, по секоја цена се решени да продадат парче државно земјиште, именувана како ГП бр.19.11, последното парче зелен простор останат во нашето маало, а кое се наоѓа веднаш до објектот на Александрија. Огласот кој еднаш веќе го поништија, веројатно поради констатирана техничка грешка, на само еден ден пред закажаната јавна аукција, сега повторно го објавија пред Нова година, очигледно надевајќи се дека поради празниците сето ова ќе мине незабележано. Чии интереси штитите господине Градоначалник? Зошто свесно работите против интересите на граѓаните што треба да ги застапувате? Информиран ли сте дека станарите од околните зграда веќе 2,5 години, секој ден, делник и празник, немаат елементарен мир, од 7 часот наутро до 19 часот попладне, поради изградба на објекти кои се граничат со оваа локација?! Наместо да се посветите на изнаоѓање решение за паркинг простор на овој потег, Вие имате намера дополнително да го зголемите сообраќајниот хаос во маалото?! И зошто лажевте дека ќе ни донесете паркови наместо згради, за сега да ја продавате последната зелена површина во маалото, со цел да никне НОВ станбен објект или друг објект согласно Јавниот оглас? За 61 денар по метар квадратен почетна цена?! И колку бенефит ќе инкасира општината од продажбата на овие 350 м2 простор?! Вреди ли?, запраша Вељановски.

-Колку и да е примамлив износот што го очекувате да го добиете со продажбата, бидете уверен дека штетата што ќе ја претрпите со вакво арогантно однесување и лажејќи ги граѓаните, ќе биде многу поголема. По Вас секако, но, за жал, и по нас кои ќе мора да живееме со вашите несоодветно донесени одлуки! Не е доцна да ја чуете нашата порака, да се предомислите и да го поништите огласот овој пат на барање на граѓаните кои Ве избраа да ги слушате и исполнувате токму нивните барања за подобро секојдневие. Почитуван градоначалник, јасно и гласно упатуваме порака до Вас и до Општината Карпош дека не се согласуваме со вашата намерата за продажба на земјиштето на приватен инвеститор и изградба на уште еден станбен објект или уште пострашно, според опишаната намена на ДУП за Градската четврт „3 09“ – хотел, во и онака урбанистички пренатрупаното маало, истакна тој.

Почитуван градоначалник,НИЕ бараме на оваа парцела да се направи парк со детско игралиште или зелен сквер, додаде Вељановски.

Коронавирус