понеделник, 21. септември 2020. Вести денес: 127
home Вести

Протест на овчарите пред МЗШВ

Протест на овчарите пред МЗШВ

Одгледувачите на овци од Македонија денеска одржуваат мирен протест пред Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство поради, како што велат, алармантната состојба во овчарството.

Тие бараат средба со ресорниот министер Љупчо Николовски за да укажат дека откупната цена на јагнето е пониска од производната, а минимални се и субвенциите за плодна овца и оставено женско јагне.

Речиси веднаш откако дојдоа пред МЗШВ, претставници на овчарите беа примени од Благојче Веселиновски, советникот за сточарство на министерот. Тој за МИА изјави дека барањето на одгледувачите на овци ќе бидат разгледани, но ќе биде презентирана уште еднаш и поддршката што ја дава МЗШВ во овој сектор.

Овчарите се жалат дека се дојдени на работ од егзистенција зашто секоја година се соочуваат со загуби од 2.000 – 5.000 евра.

– Одлучивме да реагираме со протест за да видат дека постоиме. И претходната и оваа власт нема слух за овчарите. Отворени сме за средба со МЗШВ и благодарни сме што не примија. Но, очекуваме во текот на разговорите да присуствува и министерот Николовски, изјави Митко Јанков, одгледувач на овци од Велешко.

Од МЗШВ велат дека Николовски во моментов е на состанок, но оти денеска ќе се сретне со одгледувачите на овци.

Протестот го поддржуваат Националното здружение на овчари, Регионалното здружение на западна Македонија, Земјоделското здружение „Агро центар“ – Велес, „Орлови бари“ – Битола и „Рудо јагне“ – Прилеп.

Коронавирус