петок, 5. март 2021. Вести денес: 119
home Вести

Промоција на „Изгубено детство“ од Шела Алтарац – штипјанка која го преживеала холокаустот

Промоција на „Изгубено детство“ од Шела Алтарац – штипјанка која го преживеала холокаустот

По повод Меѓународниот ден за сеќавање на холокаустот – 27 јануари, Институтот за духовно и културно наследство на Албанците (ИДКНА), во соработка со невладината организација „Акта нон верба“, денеска ќе промовира мемоари на преживеаната Шела Алтарац, родена во Штип, која била собрана во Монополот со останатите штипски, битолски и скопски Евреи, кои подоцна биле депортирани во Треблинка.

Нејзината трогателна приказна за преживувањето во тешките денови на Втората светска војна се документирани во мемоарите „Изгубено детство“, каде што во детали ги објаснува чувствата и предизвиците од трагичните моменти на нејзиното детство. Таа денеска живее во Израел, со своите деца и внуци.

ИДКНА (Одделот за холокауст образование и истражување) и невладината „Акта нон верба“ ги објавија нејзините мемоари во книгата „Изгубено детство“ на четири јазици – македонски, албански, англиски и хебрејски. На промоцијата, како што соопшти ИДКНА, со кратко видео ќе се обрати и авторката Шела Алтарац, а обраќање ќе има и првиот вицепремиер Артан Груби.

Институтот соопшти и дека во соработка со израелскиот амбасадор Дан Оријан, утре на МТВ2 во 22:30 часот ќе биде прикажан документарниот филм „Земете го девојчето“, посветен на Шела Алтарац, а направен од Меморијалниот центар „Јад Вашем“ од Ерусалим. На МТВ1 во 16 часот, пак, ќе биде прикажан филмот „Пица од Аушвиц“.

Датумот 27 јануари Собранието на Обединетите нации во 2005 година го изгласа со резолуцијата 60/7 како Меѓународен ден на сеќавање на жртвите од холокаустот. За време на холокаустот беа убиени шест милиони Евреи, од кои 7144 од Македонија.

Коронавирус