среда, 5. октомври 2022. Вести денес: 0
home Вести

Промената на името која ја договара СДСМ значи промена на идентитетот

Промената на името која ја договара СДСМ значи промена на идентитетот

Не е можна промена на името без промена на идентитетот. Ваков е ставот на експертската јавност откако во јавноста се погласно се зборува за промената на името на државата која ја договара новата влада предводена од Зоран Заев и СДСМ.

Премиерот Зоран Заев синоќа на прес-конференција изрази подготвеност името на земјата да содржи географска одредница, потенцирајќи дека прашањето за спорот за името што Македонија го има со Грција е суштествено и оти треба да се даде шанса низ преговорите да се изнајде решение.

-Ние сме подготвени за географска одредница и до тука ќе застанам, затоа што прашањето е суштествено и треба да дадеме шанса низ преговорите во изнаоѓање на решение, изјави Заев на вчерашната заедничка прес – конференција со евроамбасадорот Самуел Жбогар, по презентација на Стратегијата за Западен Балкан пред министрите.

Македонскиот премиер рече дека внимателно ги следи настаните во Грција и реакциите дома, но оти колку и да е тешко изнаоѓањето решение на спорот, тој е оптимист и решение може да се најде.

– Верувам дека ако водиме грижа за другата страна, за нашиот јужен сосед и ако тие водат грижа за нас притоа почитувајќи се, додржувајќи го достоинството и идентитетот, јас сум убеден дека може да се изнајде решение и за овој горлив двеипол децениски проблем, истакна Заев.

Претходно министерот за надворешни работи на Грција Никос Коѕијас во интервју за Еуроњуз рече дека очекува од Скопје, „конечно да излезе и јавно да каже која ќе биде придавката во сложеното име и да им го објасни тоа на граѓаните“. Тој тврди дека Атина веќе го подготвува теренот за Грците да го прифатат сложеното име и коментира дека од другата страна не постои иста таква подготовка.

Коѕијас: Се преговара за идентитетот, јазикот и Уставот

Грчката влада презеде одговорност да каже јавно дека сака промена на името и дека ова име ќе биде сложено за сите употреби со конкретна одредница и излеговме јавно и кажавме дека во ова име ќе биде вклучен и терминот „Македонија“. Ние си ја завршивме нашата работа. Уште чекаме од Скопје, конечно да излезе, јавно да каже во ова сложено име која ќе биде придавката пред именката и да го опишат тоа пред нивниот народ, вели Никос Коѕијас во интервју за „Еуроњуз“.

Тој додава дека она за што се согласија двајцата премиери важи за сите и открива дека освен за промена на името се преговаа за идентитетот, јазикот како и за промена на Уставот.

-Промената на уставното име на Македонија е важна можност за меѓународните договори кои ќе се склучат да се совпаднат со самиот Устав, бидејќи други сили можат да дојдат подоцна и да го обвинат тековното раководство со тоа што го прекршуваат, Уставот, правејќи меѓународен договор со нас, рече Коѕијас.

Не е можна промена на името без промена на идентитетот

Професорот на правниот факултет во Скопје Тони Дескоски смета дека не е можна промена на името без промена на идентитетот.

Според Дескоски, основната идентитетска компонента е името.

Тој вели дека него не можете да му го смените името во Горан од Тони и тој да остане со истиот идентитет.

-Да јас и понатаму ќе бидам маж ќе имам 46 години ама ќе бидам некој друг, ќе бидам Горан, а не Тони.

Од тука обидите или жонглирањата со некакво преименување на државата при што ќе се задржи терминот Македонија ама ќе му се даде некоја додавка се всушност тоа.

Обид за преименување, а потоа се отвара целиот идентитетски пакет кој не води до суштината на проблемот дека Грција не може да ја прифати македонската нација како таква.

-Ќе ве потсетам денеска повторно во истиот документ кој е официјален документ на грчкото МНР и кој ја одразува официјалната позиција на Грција стои дека срцевината на проблемот за името е всушност вештачката и лажна македонска нација создадена од Тито во текот на втората светска војна, вели Дексоки.

Замислете, додава тој, сега ние преговараме од позиција на вештачка и лажна македонска нација создадена од Тито.

Дескоски ја коментираше и нашата дипломатија која според него е тромава и инертна во докажување на спротивното и покрај пресудата која Македонија ја има од меѓународниот суд на правдата.

-Таа пресуда покажува дека Грција ја крши привремената спогодба. Таа докажа дека Грција ги нарушува добрососедските односи Македонија е жртвата додаде тој.

Мико: Не може да се промени името, а да не се промени и идентитетот на Македонија

Името е поврзано со идентитетот а за идентитетот не се преговара и тие тоа не можат или не сакаат да го видат, вели американскиот аналитичар Џејсон Мико.

– Како што веќе видовме, потребен е само еден глас да блокира потенцијален член – Грција стави вето на членството на Македонија на Самитот во Букурешт во 2008 година. САД, како и европските членки на НАТО и Канада, постојано од тогаш говореа, и јас го цитирам Расмусен, генералниот секретар на НАТО „покана за членство во НАТО ќе биде упатена веднаш штом прашањето за името е решено“. Во тоа е проблемот. Меѓутоа, за проблемот е збунувачки фактот дека САД, НАТО, ЕУ, ОН, итн. не разбираат или не сакаат да признаат дека идентитетот и името се исти, тие се поврзани. Не може да се промени едното без да се промени другото, а за идентитетот на Македонија и нејзиното име не смее да се преговара. Според мене, многу е фрустрирачко што многу паметни луѓе, избрани и неизбрани, не може да го препознаат или можеби, одбиваат да го признаат тоа. Тоа е прашањето, вели Мико кој е добар познавач на состојбите во регионот за емисијата „Порта“ на сателитскиот канал на МТВ уште пред неколку години.

За неодамнешната изјава на Брус Џексон дека „со малку среќа“, Македонија ќе биде членка на НАТО во 2013 година, Мико вели дека не постои такво нешто како среќа, туку само напорна работа и реалност.

– Македонија ја врши напорната работа, всушност, Македонија има направено сè што е побарано од неа за да стане членка на НАТО. Сите членки на НАТО ја признаа оваа реалност во април 2008 година на Самитот во Букурешт. Сепак, додаден е уште еден услов за членство на Македонија во НАТО – да го промени својот идентитет со промена на сопственото име. Тоа е нешто што ниту една земја никогаш нема да го направи. Не треба да се бара Македонија да го промени нејзиниот идентитет или име за да влезе во НАТО, оцени американскиот експерт.

Коронавирус