сабота, 28. ноември 2020. Вести денес: 80
home Вести

Проекција од Сингапур: Коронавирусот од Македонија си оди 99% на 22 мај, а целосно на 16 јуни

Проекција од Сингапур: Коронавирусот од Македонија си оди 99% на 22 мај, а целосно на 16 јуни

Сингапурскиот универзитет за технологија и дизајн предвидува дека епидемијата на коронавирус во Македонија ќе заврши на 16 јуни оваа година.

Во анализата спроведена во глобални рамки, нивната иновативна Лабораторија за проучување на податоци прoектира дека ковид-19 на светско ниво ќе биде актуелен најдоцна до 1 декември 2020 година, по што се очекува да стивне.

На веб-страницата на Универзитетот се прикажани проекции за голем број држави. Тие се базирани на математички модел наречен SIR (сомнителен-заразен-закрепнат) кој, според истражувачите, дава континуирана и предвидлива насока за развојот на заразата.

Шефот на оваа лабораторија на Сингапурскиот Универзитет, професорот Џуангси Луо, вели дека преку востановениот модел за процесуирање на податоците може да се процени кривата на животниот циклус на пандемијата и да се предвиди кога таа би завршила во одделни земји и во светот.

Според податоците за Македонија, се предвидува 97-процентно завршување на епидемијата на 13 мај, 99-отстотно на 22 мај, а во целост, ковид-19 на територијата на нашата држава ќе го снема до 16 јуни.

Кај нашите соседи и во земјите од регионот, од коронавирусот најбрзо ќе се ослободи Хрватска, за која предвидениот краен рок е еден ден пред Македонија – 15 јуни. Во Србија ќе трае до 23 август, а во Грција до 11 јули. Според ова сценарио, најдолго со ковид-19 ќе се бори Албанија, каде како датум кога ќе заврши заразата е посочен 7 октомври.

Во анализата, сепак, се предупредува дека нејзината содржина е наменета за научни и истражувачки цели и дека е можно да е подложна на грешки.

„Секое предвидување, по природа, е неизвесно. Читателите мора да бидат претпазливи. Преголемиот оптимизам за некој од предвидените датуми е опасен, бидејќи може да резултира со појава на недисциплинирано однесување и да предизвика значително зголемување на вирусот“, велат од Сингапурскиот универзитет за технологија и дизајн.

Коронавирус