понеделник, 26. септември 2022. Вести денес: 29
home Вести

Продолжува истрагата за случајот со малолетничката од „25 Мај“

Продолжува истрагата за случајот со малолетничката од „25 Мај“

Случајот со 13-годишна штитеничка на домот „25 Мај“ која била подложена на абортус откако забременила по сексуално злоставување веќе една недела е во фокусот на јавноста.

Основното јавно обвинителство Скопје вчера соопшти дека оформило предмети по писмени известувања поднесени од МВР, во врска со случајот со злоставуваната малолетничка од „25 Мај“ и оти се проверуваат и наводите од пријавите и за организацијата и работењето во установата. Како што информираат, отворен е и предмет по поднесена кривична пријава од страна на родителите на девојчето, преку адвокат, против лица вработени во Јавната установа за згрижување деца со воспитно – социјални проблеми и нарушено поведение – Скопје, а за сторени кривични дела – „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „несовесно работење во службата“ од Кривичниот законик.

Основното јавно обвинителство Велес, пак, постапува по предмет за кој веќе во јавноста беа објавени детали. По применото известување, обвинителството веднаш издало Наредба за телесен преглед до Институтот за судска медицина. Во понеделникот до Обвинителството од страна на Министерството за внатрешни работи е пристигната кривична пријава против конкретен сторител.

Од Обвинителството истакнуваат дека информациите кои можат да се споделат во моментов се само оние кои нема да ја повредат тајноста на постапката.

Вчера исто така беа обелоденети два нови случаи на бременост кај малолетнички, штитенички на Домот за деца со социјално-воспитни проблеми „25 Мај“ од Скопје.

Министерството за труд и социјална политика излезе со став дека нема злоставување или сексуална експлоатација во двата нови случаи на бременост кај малолетничките. Тие забремениле откако своеволно имале односи со штитеници од установата со кои биле во врска, информираат од Министерството за труд и социјална политика.

Едната малоленичка која била 15-годишна ја прекинала бременоста откако дала согласност и таа и старателот, а за тоа била информирана и нејзината мајка. Втората малолетничка, која има 17 години, одлучила да го задржи бебето.

Алармот за случувањата во установата „25 Мај“ се крена минатата недела кога невладината организација Европски центар за правата на Ромите (ЕЦПР) соопшти дека 13-годишна штитеничка на домот била подложена на абортус откако забременила по сексуално злоставување.

Министерството за труд и социјална политика соопшти дека се сомнева дека станува збор за сексуална експлоатација на малолетничката и побара Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство да го расчистат случајот.

МВР во понеделникот соопшти дека против едно лице веќе поднеле кривична пријава за полов напад врз дете, кое признало дека имало сексуални односи со 13-годишното девојче лани во ноември, кога во бессознание била однесена во општата болница во Велес. Вчера од морални причини даде оставка директорот на домот „25 Мај“ Стевчо Соколовски.

Коронавирус