вторник, 10. декември 2019. Вести денес: 141
home Вести

Пристигнати првите 100 барања за амнестија во Кривичниот суд

Пристигнати првите 100 барања за амнестија во Кривичниот суд

Во Кривичниот суд денеска од затворите се пристигнати помеѓу 50 и 100 барања по кои Судот ќе постапува согласно Законот за амнестија, информира претседателот на Основниот суд Скопје,  Иван Џолев, на брифинг со новинарите.

До Судот, како што рече, се очекува да пристигнат околу 1.500 барања за амнестија, од кои 500 за целосно ослободување на осудени лица, а останатите 1.000 се за делумна амнестија.

Џолев информира дека во Судот веќе се формирани повеќе кривични совети кои ќе одлучуваат по барањата за амнестија и оти се надева дека Судот ќе одговори во предвидениот рок.

– Формиравме кривични совети за да можеме да го запазиме рокот од пет дена во кој треба Судот да се произнесе за барањата од затворите. Со актот за амнестија, Кривичниот суд треба да утврди дека некое осудено лице ги исполнува условите за амнестија, рече Џолев.

Судот одлуките треба да ги испрати до Министерството за правда, а оттаму до Управата за извршување на санкции.

Од Управата за извршување санкции вчера за МИА изјавија дека брзината на излегување на амнестираните зависи од судовите. Оттаму додаваат дека се подготвени за доставување на сите решенија што ги ослободуваат осудените лица од издржување на казна затвор.

Законот за амнестија од денеска стапи во сила.