сабота, 24. октомври 2020. Вести денес: 46
home Вести

Претседателот Пендаровски се обрати на Летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура

Претседателот Пендаровски се обрати на Летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, преку видео порака се обрати на Летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, што оваа година поради пандемијата со КОВИД-19 се одржува дигитално.

Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски:

Оваа летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура ја организираме во несекојдневни услови. Поради пандемијата од ковид-19 не можеме да бидеме заедно на брегот на Охридското езеро што било инспирација за словенските просветители Св. Климент и Наум Охридски и македонските преродбеници Миладиновци, Прличев и Шапкарев.

Меѓутоа, ме радува што ниту пандемијата не не спречува барем виртуелно да ја продолжиме традицијата на Меѓународниот семинар. А да продолжиме е особено важно, и тоа најмалку од неколку причини.

Прво, одбележуваме значајни јубилеи, меѓу кои и 75-годишнината од објавувањето на македонската азбука и правопис. Во 1945-та го заокруживме процесот на кодификација на македонскиот стандарден јазик. Со тоа македонскиот стана јазик на образованието, науката и уметноста не само во Република Северна Македонија, туку и на универзитетските катедри и лекторати во Европа и светот. Иако поради неповолната општествено-историска и политичка ситуација, македонскиот јазик е релативно доцна стандардизиран, неговиот историски континуитет е неспорен. Неговата долга усмена и писмена традиција и богатството од дијалекти е одамна апсолвирано прашање во светската лингвистичка наука.

Сепак, повторно сведочиме на една анахрона реторика на оспорување на засебноста и историскиот континуитет на македонскиот јазик. Затоа ни е потребен соодветен научен и аргументиран одговор кој се разбира дека го поседуваме. Токму во таа насока се и четирите тома за македонскиот јазик што неодамна ги објавија Македонската академија на науките и уметностите, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Советот за македонски јазик.

И луѓето и настаните што ги чествуваме годинава се потврда на континуитетот на македонскиот јазик. Во 1920 година почина народниот раскажувач Марко Цепенков. Истата година е роден еден друг раскажувач – писателот Славко Јаневски кој се смета за автор на првиот објавен роман на стандарден македонски јазик.

Годинава одбележуваме и еден век од раѓањето на основоположникот на македонската дијалектологија Божидар Видоески. Тој го втемели овој меѓународен семинар како креативна заедница во која до сега учествувале над 5000 учесници од над 60 земји кои имале прилика одблиску да се запознаат со македонскиот јазик и неговите специфики. Оваа исклучително важна меѓународна манифестација имаше и има голема улога во афирмацијата на македонскиот јазик, литература и култура низ целиот свет.

Затоа почитувани, вашето учество на овој дигитален семинар и желбата да научите повеќе за македонскиот јазик и култура го разбираме не само како ваша посветеност кон научната вистина, туку и како чин на солидарност со македонските слависти и македонисти. И за тоа сум Ви навистина благодарен.

Ви посакувам плодна работа, инспиративни дискусии, продлабочена соработка и пријателства. И искрено се надевам и посакувам наредната година да се видиме во Охрид.

Коронавирус