понеделник, 18. јануари 2021. Вести денес: 0
home Вести

Претседателот на МАНУ за „реформите“ на Царовска: Единствена цел е предметот историја да се избрише од наставната програма!

Претседателот на МАНУ за „реформите“ на Царовска: Единствена цел е предметот историја да се избрише од наставната програма!

Единствена цел на овие избрзани реформи во образованието е предметот историја да се избрише од наставната програма за основното образование, потенцира претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев во интервју со Љупчо Цветановски во емисијата „Што не е јасно“. Ако македонскиот јазик се зборува со векови, во и надвор од територијата на нашата држава, тогаш нам ни треба и македонската историја, порачува академик Коцарев и порачува дека таа треба да се учи во сите девет одделенија од основното образование.

Во одговор на прашањето на Цветановски за оценка на сомнително итните и избрзани реформи на Царовска и МОН, претседателот на МАНУ вели: „МАНУ треба да даде критичка анализа на Концепцијата за основно образование. Фактот дека тоа
треба да се нарави во јануари 2021, во краток рок, нетранспарентно, без вистинска јавна дебата, уште еднаш покажува дека односот на политичарите спрема образованието, што не е првпат, не е само несериозен, туку деструктивен и понижувачки! Сите јавни дебати се веќе завршени. ’Сега е моментот за имплементација, веќе влегуваме во имплементација’ велат од МОН?!

Во една од најсиромашните држави во Европа, се предлага концепција којашто не постои во ниту една друга држава, вклучувајќи ги и најнапредните образовни земји во светот. Според концепцијата во сите девет одделенија не се изучуваат посебно предметите физика, хемија, и биологија, кои, од една страна, се основа за применетите науки, кои пак, од друга страна, се фундаменти на континуираниот, инклузивен, и одржлив економски раст во било која држава, па така и Македонија. Така, во една од најсиромашните држави во Европа, во која социјалниот и општествениот статус на учителите е многу низок, се предлага концепција, која можеби ќе има несогледливи последици врз македонската економија, но сигурно ќе доведе до целосно
обезличување на професијата учител. Ашколсун.

Во моето научно портфолио имам објавени трудови (во реномирани списанија со фактор на влијание) од сите три области: физика, хемија, и биологија. Мислам, сепак, дека не би се осмелил да го предавам предметот: Природни науки. Или барем би бил претпазлив. „Сето ова се прави со цел да можеме да го постигнеме, да го извлечеме максималниот потенцијал од секој ученик, а со тоа понатаму и да го употребиме тој максимален потенцијал во општеството“. Но, наместо тоа, се добива спротивниот ефект, потполно уништување на образованието, со несогледливи последици врз македонската економија. Но, дали тоа значи уништување само на образованието? Зошто се прави тоа? Зошто во една од најсиромашните држави во Европа, се предлагаат радикални реформи во образованието, наместо постепени? Зошто не се почека реформите што се предлагаат прво да се направат во другите, поразвиени општества и економии, па потоа, согледувајќи го сите позитивни и негативни аспекти од реформите, тие да се прилагодат за Македонија? Што мислите кој е договорот на ова прашање? Одговорот не го знам, но, се чини дека е едноставен: единствена цел е да се избрише од наставната програма за основното одделение предметот: историја. Ауу! Еурека! Ако македонскиот јазик се зборува со векови, во и надвор од територијата на нашата држава, тогаш нас ни треба и македонската историја. И таа треба да се учи во сите 9 одделенија од основното образование“ дециден е претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев во интервјуто за ТВ Алфа.

Коронавирус