среда, 25. ноември 2020. Вести денес: 1
home Вести

Предупредувачки штрајк за повисоки плати на возачите во ЈП „Чистота и Зеленило“

Предупредувачки штрајк за повисоки плати на возачите во ЈП „Чистота и Зеленило“

Педесетина возачи на камиони за изнесување на смет во ЈП „Чистота и Зеленило“, втор ден штрајкуваат.

Тие бараат повисоки плати и заштитна опрема во време на пандемија, но и опрема за во зимските услови како што се ракавици, јакни и квалитетни чевли.

-Неколку години наназад, платите ни се намалуваат, наместо да ни се зголемат. Секојдневно напорно работиме, а имаме најниски примања. Да не зборувам и за омаловажувањата кои ги трпиме. Можеше секој месец по малку, за да немавме ваков проблем. Јас имам 16 илјади денари плата, а мојот колега од ЈП „Водовод“ има поголема плата за 9.000 денари. Секогаш ни велат дека нема услови, дека има голем број на проблеми. 30 години работам на ова место, навистина е срамота, вели еден од вработените.

Тие бараат платите да им бидат изедначени со вработените во другите јавни претпријатија кои се под ингеренција на Општината. Тие тврдат дека се редок случај, бидејќи дури и во најмалите општини во државата имаат подобри услови за работа и далеку повисоки месечни примања.

-Исто така, се жалиме и на условите кои ги имаме во просторијата која ја користиме како место за одмор и појадување. Немаме заштитни ракавици и маски, ниту средства за дезинфекција. Преку 50 работници седат во една соба. Зарем тука не треба да се почитуваат протоколите? Не можеме сами да се финансираме, додаваат останатите вработени.

Штрајкот започнал вчера, а ќе трае и утре, по што вработените очекуваат до понеденик да добијат конректни одговори на своите барања, за да не продолжат со протестот.

Од вчера камионите собираат смет само во приоритетните места низ градот.

Дали ќе се исполнат барањата на вработените не е познато, бидејќи не успејавме да стапиме во контакт со надлежните во претпријатието.

Коронавирус