среда, 27. јануари 2021. Вести денес: 169
home Вести

Предавање за подемот и падот на текстилниот сектор

Предавање за подемот и падот на текстилниот сектор

Настан посветен на работничките во текстилната индустрија ќе се одржи денеска во Културно-уметничкиот центар „Текстил“ во Штип во рамки на проектот „Културни простори за активни граѓани“. Во првиот дел е предавањето на Кјара Бонфиџиоли од Италија, а потоа ќе биде претставен стратешки план изработен од Здружението на граѓани „Гласен текстилец“ од Штип.

Во своето предавање „Црвени конци: Структура на чувство на текстилните работници по Југославија”, Бонфиџиоли се осврнува на еманципацијата на жената преку продуктивниот труд што било клучен принцип на социјалистичката политика во Југославија по Втората светска војна. Масовната индустријализација придонела многу млади жени да се вработуваат во текстилното производство – традиционално „феминизиран” сектор.

Бонфиџиоли се интересира за родовата историја на текстилната работа во постјугословенскиот регион, со фокус на искуствата на жените работнички од социјализмот и постсоцијализмот. Од 60-ина интервјуа, официјални извештаи, фабрички весници, модни списанија и визуелен материјал, таа ја истражува специфичната родова „структура на чувство” развиена од текстилните работници за време на социјалистичката индустријализација и начините на кои таа се задржува по деиндустријализацијата.

Истражувањето покажува дека производството на текстил и облека напредувало во доцниот социјализам, кога секторот покривал 12 проценти од вкупното производство и многу овдешни текстилни фабрики биле меѓународно познати. Со цел да ја балансираат продуктивноста со социјалистичките вредности, фабриките за облека воспоставиле широк спектар на права на социјална помош за своите работници.

Тоа завршило по распадот на Југославија, кога процесите на приватизација и деиндустријализација, заедно со глобалните промени во производството на облека, имале силно влијание врз текстилниот сектор. Повеќе од 400.000 работни места биле загубени, а текстилната работа во новите приватни компании, главно подизведувачи на западни брендови, станала се повеќе експлоатациска и прекаријатна.

– Јас тврдам дека постсоцијалистичката носталгија на социјалистичката благосостојба на текстилните работници е во голема мера обликувана од фактори како што се пол, класа и генерација, и е широко споделена меѓу етничките и националните граници. Сеќавањата за минатите социјални права често се мобилизираат како начин да се спротивстават на тековната девалвација на индустрискиот труд и растечките социјални нееднаквости кои ги карактеризираат современите постјугословенски држави, истакнува Бонфиџиоли.

Таа е предавач по родови и женски студии на Универзитетскиот колеџ Корк. Дипломирала политички науки на Универзитетот во Болоња, а магистрирала и докторирала на Програмата за родова диплома на Универзитетот во Утрехт. Од 2012 до 2014 година е научен соработник на Универзитетот во Единбург, од 2015-та работи како постдокторанд во Центарот за културно-историски истражувања на социјализмот  на Универзитетот во Пула и како помлад соработник на Институтот за хумани науки во Виена.

Нејзиното истражување се осврнува на транснационалната женска историја, со посебен фокус на поранешна Југославија и Италија. Бонфиџиоли подготвува и монографија со наслов „Жените и индустријата на Балканот: Подемот и падот на југословенскиот текстилен сектор”.

Организатори на денешниот настан се Центарот за нови иницијативи „Локомотива“ од Скопје во партнерство со Факултет за работи што не се учат (Битола/Скопје) и во соработка со здружението „Гласен текстилец“.

Коронавирус