сабота, 28. ноември 2020. Вести денес: 101
home Вести

Празнување на Ѓурѓовден во Пијанец

Празнување на Ѓурѓовден во Пијанец

Празнувањето на Православниот христијански празник Ѓурѓовден во регионот на Пијанец е во корен втемелено во постоењето и секојдневниот живот на народот во овој дел од Македонија. Празникот посветен на Светиот Великомаченик Георги Победоносец кој што секоја година се празнува на 6 мај по нов стил (23 април по стар стил) е поврзан со голем број обичаи, верувања и секојдневни практики. Ѓурѓовден како забележителен ден на локалното население низ минатите времиња па и денеска му служи за периодизација на годината, годишните времиња како и реализацијата на земјоделските активности од кои и ден денес егзистираат луѓето во овој дел од државата.

Култот кон Св. Вмч Георги е исто така поврзан со заживувањето на вегетацијата, природата од чија што состојба во голема мера зависел и животот на населението во минатото

Голем број на обичаи се присутни помеѓу пијанечкиот народ поврзани со овој празник и се пренесуваат по традиција од генерација на генерација со што продолжува да живее овој своевиден и уникатен начин на живот на нашиот народ.

Плетењето на венчиња од полски цвеќиња, исткаени со зелени фиданки и лисја за помладите е присутно и ден денес претежно во руралните заедници во Пијанец.

Утрото на Ѓурѓовден во Пијанец осамнуваат сите домови закитени со зелени фиданки од врбова и сливова шума на своите влезни врати и видливите прозори на домаќинствата и објектите каде се чува стоката. Помеѓу гранките задолжително се наоѓа и дренова гранка која треба да му даде цврстина и истрајност на домот, семејството и стоката.

Вака закитените домови стојат до наредната пролет.

Во предвечерие на празникот лисја од зелени растенија (дрен, млечка, здравец, фиданки од даб) се ставаат да преноќат во сад со вода во кој задолжително се става велигденско јајце. Утрото на Ѓурѓовден домашните се мијат со оваа вода за здравје и цврстина.

Ѓурѓовден како празник низ историјата нашиот народ го има збогатено со многу културни активности во кои се отсликува раскошот и убавината на битот на нашиот народ.

На Ѓурѓовден се собираат поголеми групи на луѓе во своите домови и пејат Ѓурѓовденски песни и се “рассвируваат” народните инструменти по дворовите кои стоеле обесени на гредите во домовите во текот на зимата.

Со овој празник биле поврзани и земјоделските активности во Пијанец кога се вршело т.н. цанење на овчарите. Овој чин претставува момент на договарање на сопственикот на стоката со неговиот помошник кој треба да врши напасување на стоката во наредниот период огбично до Митровден.

Со Ѓурѓовден се поврзани и специфични домашни рецепти на домашна кујна која што ја подготвуваат домаќинките во Пијанец.

Т.н. Кукуличарки баници се задолжителен примат на Ѓурѓовденската трпеза, како и погачата на која задолжително стоел исплетен крст од тесто.

На Ѓурѓовден задолжително се посетувале локалните цркви од страна на населението во спомен на покојните.

Празнувањето на Ѓурѓовден е именден за оние кои што ги носат имињата Ѓорѓи, Ѓоко, Ѓоре, Ѓурѓа, Ѓина, итн.

Во продолжение погледнете го Документарниот филм “Ѓурѓовден во Пијанец”, кој што е своевиден видео документ за богатата и раскошна традиција на пијанечкиот народ посветен на овој празник.

извор: Брегалнички.мк

Најнови вести

Коронавирус