понеделник, 21. јуни 2021. Вести денес: 142
home Вести

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ оствари средба со новиот директор на Фондацијата Конрад Аденауер во Македонија

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ оствари средба со новиот директор на Фондацијата Конрад Аденауер во Македонија

Денес во Собранието на Република Македонија, Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, заедно со пратениците Тимчо Муцунски, Жаклина Пешевска и Јован Јаулески остварија средба со новиот Директор на Фондацијата Конрад Аденауер во Македонија, г-динот Даниел Браун.

На почетокот, Координаторот Никола Мицевски во име на присутните пратеници и на целата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ му посака добредојде на г-динот Даниел Браун во Република Македонија, но и успешна работа како нов Директор на Фондацијата Конрад Аденауер во Р. Македонија.

На оваа средба, се отворија многу актуелни прашања, проблеми и предизвици со кои се соочуваме како држава во овој момент. Се разговараше за моменталната блокада за отворање на пристапните преговори со ЕУ, за проблемите со кои што во моментов се соочуваме со Република  Бугарија, за се’ поголемиот број на млади лица кои што заминуваат или имаат намера да заминат од Република Македонија, за пописот и проблемите околу неговото спроведување, за катастрофалната и лошата состојба со загадениот воздух и животната средина во целост, за проблемите и последиците со кои се соочуваме поради КОВИД кризата, како и за предизвиците со кои треба и мора да се справиме во наредниот период предизвикани од КОВИД кризата.

Исто така, на средбата се отворија и прашањата околу функционалноста на Собранието, злоупотребата на европското знаменце и носењето на голем број на закони по скратена постапка. Се разговараше и за соработката помеѓу сите пратенички групи, соработката помеѓу пратеничките групи и Владата и други слични теми поврзани со работата и делокругот на Собранието на Република Македонија и пратеничките активности во рамките на Собранието.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, покрај за актуелните предизвици и проблеми кои се присутни во нашата држава и во Собранието, упати благодарност и  за досегашната сериозна поддршка и плодна долгогодишна соработка со Фондацијата Конрад Аденауер и како што рече тој, се надева дека така ќе продолжи и во иднина.

На денешната средба, г-ѓата Жаклина Пешевска како актуелен пратеник, но и како претседател на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ се осврна на прашањата кои се поврзани со застапеноста на жените во политиката и Собранието, односно со родовата еднаквост на политичката сцена во Република Македонија, како и за активностите кои ги превземаат и реализираат поврзани со оваа тема.

Пратеникот Јован Јаулески, како поранешен претседател на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, а сега актуелен пратеник и директен претставник на младите во Собранието, се осврна на економските, социјалните, егзистенционалните и образовните проблеми со кои се соочуваат младите во Република Македонија. Тој на оваа тема посочи неколку важни показатели кои ја отсликуваат реалната состојба за статусот на младите во нашата држава и нивната желба што побргу да ја напуштат нашата држава. Јаулески напомена дека и покрај лошата состојба на младите во државата, Фондацијата Конрад Аденауер е докажан како најголем поддржувач на младите во нашата држава, покажувајќи го тоа и помагајќи на многу начини досега.

Пратеникот Тимчо Муцунски се осврна на предизвиците со кои се соочува пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија и недостигот на стручна и политичка соработка помеѓу пратениците од различните партии и пратенички групи.  Тој исто така посочи и на проблемот со потценувањето и девалвирањето на Парламентот и пратениците како директни претставници на народот од страна на власта. Но сепак, како што нагласи тој, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и понатаму ќе остане силно мотивирана и ентузијастички расположена и во иднина да продолжи да работи со полна пареа со цел обезбедување на подобар живот и животен стандард за граѓаните на Република Македонија.

На крајот, сите присутни на оваа средба заеднички заклучија дека ваквата соработка на различни полиња е добитна комбинација за нашата држава и за подобрување и поефикасно решавање на проблемите на нашата држава, како и дека единствената цел на Република Македонија е час поскоро да се одблокира процесот на отворање на пристапни преговори за полноправно членство во Европската Унија.

Најнови вести

ЕУРО 2020

Македонија