вторник, 27. октомври 2020. Вести денес: 141
home Вести

Повеќето обвинители од згаснатото СЈО конкурирале за работа во обвинителството на Русковска

Повеќето обвинители од згаснатото СЈО конкурирале за работа во обвинителството на Русковска

Повеќето обвинители од веќе згаснатото Специјалното јавно обвинителтво (СЈО) конкурирале на огласот распишан за избор на обвинители во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, каде што шефува Вилма Русковска, дознава „Фокус“.

Огласот е веќе завршен.

-Огласот заврши и се чекаат пријавите испратени по пошта. Досега се пристигнати 14 пријави, ни изјави Ацо Колевски, претседател на Советот на јавните обвинители.

Пријавените обвинители наскоро ќе бидат повикани на интервју и ќе се „борат“ за пет отворени места во Обвинителството.

По згаснувањето на СЈО, обвинителите од тимот на Катица Јанева само на хартија се вратија во матичните обвинителства, бидејќи останаа надлежни да ги доработат започнатите предмети. Петмина се водат под скопското јавно обвинителство, каде што шефува Сашо Рајчев. Поточно, тоа се обвинителите Ленче Ристоска, Фатиме Фетаи, Гаврил Бубевски, Трајче Пеливанов и Ајтан Ајро.

Четворица од обвинителите пак се водат во внатрешноста, односно Лиле Стефанова во Радовиш, Елизабета Јосифовска во Гостивар, Стевче Донев во Кочани, Бурим Рустеми во Куманово, а обвинителот Љубомир Лапе во Куманово или Крива Паланка, каде што беше в.д. шеф.

Советот на јавни обвинители неодамна донесе одлука за зголемување на бројот на јавни обвинители за плус пет во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, со што ова обвинителство ќе брои 18 обвинители заедно со шефицата Русковска.

-Според обемот на работа предвидениот број на јавни обвинители е далеку од потребите на обвинителството, за што обвинителството достави барање до Советот на јавните обвинители да се прошири Одлуката за определување на бројот на јавните обвинители за уште осум јавни обвинители, со што бројот на јавните обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал ​ќе изнесува 21 јавен обвинител“, велат од обвинителството, кое доби 5 нови обвинители, или 3 помалку од бараните 8, пренесе Фокус.

Коронавирус