понеделник, 26. октомври 2020. Вести денес: 109
home Вести

Потресно сведоштво на сопруга, мајка и трудница од Скопје: Таткото на нејзините деца е тешко болен, а принуден да се врати на работа

Потресно сведоштво на сопруга, мајка и трудница од Скопје: Таткото на нејзините деца е тешко болен, а принуден да се врати на работа

Мајка, сопруга и трудница од Скопје плачејќи од мака ја контактираше редакцијата на КУРИР. Поради негрижа од страна на владата, нејзиното семејство живее во страв и неизвесност.

Нејзиното писмо во кое ги раскажува сите детали, КУРИР го пренесува во целост:

Со денови се спремам да го напишам ова писмо, но се’ си мислев дека ќе се променат работите во последен момент и оставив така. Но, по вчерашниот прес на министерот за здравство Венко Филипче, решив дека молчењето не е злато. Ако ништо друго, нема да ми се качи притисокот, ќе си се олеснам!

Мојот сопруг има астма, ХОБС и постпулмонарна емболија. Главниот причинител за оваа “ситница” од дијагнози е мутација на крвта која ја откривме сосема случајно откако Фала и Слава на Бога ја преживеа емболијата. Министерот најави дека сите хронични болни ќе добијат термин до 23.09, за да може да се потврди односно побие потребата за отсуство од работа. Термини на пулмологија НЕМА! Закажан е тек за неколку дена за уште од ден еден кога се најави промената почнавме да бараме. Уште каква дрскост, вчера со високо крената глава изјави дека не е точно дека немало термини, они следеле. Кој тоа следел побогу?! Вистината е дека термини нема, што значи дека тие што се вистински болни како мојот сопруг, денес ќе се стават во ризик да одат на работа.

За мало појаснување на злите јазици кои ќе се јават откако ќе го прочитаат ова, мојот сопруг работеше од дома секој ден, исто како да е на работа. Полно работно време, решавајќи се’ што му беше зададено како задача.

Нашите деца исто така имаат проблеми со белите дробови кои НЕ се наследни, туку се резултат на одвратниот воздух кој го дишеме во Скопје и воопшто во Македонија. Секое второ дете е на терапија како нашите деца, што кажува тоа? Дека живееме во свињарник полн со жабокречина, каде ретко кој си го добива тоа што го заслужил. Напоредно со ова, една од мерките кои се планираат за да се држи во контрола Ковид 19 е редуцирање на јавниот превоз. Молам?! Јавниот превоз треба да е 100% БЕСПЛАТЕН, а не редуциран! Треба да се намали движењето со автомобил, ем сите немаат, ем сите фирми немаат паркинзи, ем загадувањето луѓе, зимата доаѓа!

Се’ повеќе и повеќе млади луѓе бегаат “главом без обзира” од тука. Наша блиска личност која што замина пред малку од државата со цела фамилија, себеси се етикетира како “еколошки емигрант”. Точно, таа е вистината. Веќе ни парите не играат улога, немаме основен квалитет на животот овде!

Ковид 19 е тука меѓу нас, и ќе биде уште долго. Народот наш е поприлично прост од “успешното” образование, од остатоците на “пу, пу, пу” моменти, од тоа што по 2-3 генерации живеат во 50 квадрати затоа што немаме финансиски средства. Затоа, не е доволно само едукација. Треба контрола! Треба да се казнуваат сите по ред кои што прекршуваат мерки, не само тие каде ви е полесно. Доста беше “удри по самарот ако не можеш по магарето”, удрете го магарето веќе еднаш! Секој кој прекршува протокол КАЗНА. Секој кој е во опасност, ИЗОЛАЦИЈА. Секој кој не разбира, ЕДУКАЦИЈА.

Кој ќе им гарантира на (вистински) хронично болните од денес дека се безбедни? Кој ќе ми гарантира мене како бремена мајка, сопруга дека сме безбедни? Маска N95 имаме. Визир имаме. Алкохол имаме. Дистанца држиме. Дали е тоа доволно, за човек кој работи со многу луѓе и нема шанса за да се премести на друго работно место? Болен човек, повторувам. Човек кој нема ни 40 години, има жена, две деца и едно на пат. Благословен човек со се’, освен со разумна држава.

Нека не чува добриот Бог, бидејќи сами не сме способни…

Идентитетот на скопјанката е познат на редакцијата на КУРИР, но поради заштита на нејзиното семејство, истиот нема да го објавиме

Коронавирус