сабота, 24. октомври 2020. Вести денес: 88
home Вести

Последен пат го видов пред Инфективна, маскиран од глава до пети…

Последен пат го видов пред Инфективна, маскиран од глава до пети…

Последен пат го видов пред инфективна, маскиран од глава до пети. Го прашував како им е внатре, за што да се спремаме кога ќе ни дојде ред да помагаме… Одвои време, а сигурно го немаше.

Ми рече, меѓу другото, дека и да ти викаат да се штедиш, и да сакаш да се штедиш, кога ќе видиш “што е внатре” – нема ни да ти се спие.

Е таков колега изгубивме денес. Што не оставаше неодговорен повик, порака, што не извисил пациент, што не се штедел никогаш.

И не можам бе, не можам да не посакам да опцујам сѐ со ред!

И ковид, и живот, и овој фејсбуков кај што ви е дозволено да коментирате сѐ и сешто и да мудрувате и доктори да се правите.

И квази портали што објавуваат лаги.

И тоа што не почитувате ни доктор, ни препорака, ама пак докторот ве лечи на крај. За да може да го газите и омаловажувате, нели…

Почувај во мир Трајче, сочувство до семејството и најблиските. Нека биде вечно со сите нас примерот кој го даде како треба да се биде колега, лекар и човек.

Во денешната тешка сообраќајна несреќа што се случи на улицата Рузвелтова околу 16:30 часот, почина 32-годишниот Трајче Нешковски, кој порано беше потпретседател и генерален секретар на СДММ. Тој бил и пулмолог, а ја раководел ковид-единицата во детската болница „Козле“.

Сообраќајната несреќа се случи попладнево на улицата Франклин Рузвелт – се судрија два автомобила, „опел“ со струмичка ознака и „цитроен“ со гостиварска ознака.

Очевидци изјавиле дека до несреќата дошло кога возачот на „цитроенот“ изгубил контрола врз автомобилот по што удрил во „опелот“ па во дрвото.

Првичните информации од Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување се дека Нешковски, по доживеан срцев удар, изгубил контрола над возилото, а залудни биле сите напори за негова реанимација.

Целото раководство на СДСМ и голем број лекари вечерва преку социјалните мрежи се збогуваат од својот сопартиец, колега и пријател, кој прерано го загуби животот.

Коронавирус