четврток, 22. октомври 2020. Вести денес: 85
home Вести

Поскапените лекови се терет над грбот на граѓаните: Владата даде лажно ветување, ФЗОМ молчи, осигурениците патат

-Користам капки за очи Азопт бидејќи имам висок очен притисок поради кој видот на едното око го имам загубено над 90 %. Капките ги користам неколку години, со цел да се спаси она што ми остана од видот. Тие го намалуваат очниот притисок и спречуваат понатамошен развој на болеста. Нивната цена е зголемена за повеќе од 150%. Јас сум стечаец и секое зголемување на цените ми е товар, а особено за она што јас морам да го купувам секој месец за да не ослепам 100% на двете очи, раскажува читател на КУРИР за својот проблем.
Поскапените лекови се терет над грбот на граѓаните: Владата даде лажно ветување, ФЗОМ молчи, осигурениците патат

Поголем број на граѓани ја контактираа редакцијата на КУРИР со поплаки дека лековите кои им се хронична терапија се видно поскапени, а истовремено квотата за нив истекува многу рано во месецот, па со рецепт кој има важност од втората половина на месецот истите не можат да ги земат и остануваат без терапија.

Дел од нашите читатели се пожалија и на повисоките цени со кои се соочиле деновиве, за капки и лекови кои ги користат со години. Велат дека цената на дел од нив е поскапена за 100-200% со рецепт.

Проблемот станал поголем минатиот месец, кога уште првите денови од март, лекови на рецепт снемало. Цената на лековите, капки и други работи кои ги купуваат поради својата дијагноза, велат дека драстично поскапела токму тогаш кога морале да ги платат по полна сума иако имаат рецепти.

-Пред Велигден ја земав пензијата и заминав да ги купам потребните лекови. Имав рецепти со важност и истите ги купувам седма година по ред. Секој месец купувам за себе и за сопругата иста терапија, пиеме по неколку видови на лекови. Овој месец, сметката за лекови ми беше поскапа за 700 денари од што плаќав до пред извесно време. Тоа за мене се многу пари. Јас цел живот сум работел за да заслужам пензија на стари години, а сега некој мисли дека пола пензија треба да ја оставам во аптека, вели еден скопјанец кој со нашата редакција го сподели својот проблем.

-Користам капки за очи Азопт бидејќи имам висок очен притисок поради кој видот на едното око го имам загубено над 90 %. Капките ги користам неколку години, со цел да се спаси она што ми остана од видот. Тие го намалуваат очниот притисок и спречуваат понатамошен развој на болеста. Нивната цена е зголемена за повеќе од 150%. Јас сум стечаец и секое зголемување на цените ми е товар, а особено за она што јас морам да го купувам секој месец за да не ослепам 100% на двете очи, раскажува читател на КУРИР за својот проблем.

-Ја земам пензијата од мојот починат сопруг која што не ми е доволна за ништо. И замислете, двата лека кои ги купувам ми се поскапени. Во вторникот, после празниците, јас не носев во себе доволно пари да си ги платам лековите. Со години плаќам една иста цена и ми викаат сега дека треба да платам 220 денари повеќе, вели пензионерка од скопски Бутел.

-Моите лекови со рецепт ги плаќав 70 денари, а сега ми се околу 190. Тоа е огромно покачување за кое не слушнавме на вести, ни напиша момче од Аеродром.

Ова се само дел од поплаките на скопјаните кои ја контактираа нашата редакција. Проблемите со кои се соочуваат останатите се горе-долу исти со овие кои ги пренесовме.

Ни ги пишаа и точните цени кои ги плаќале, наспроти оние кои сега треба да ги плаќаат. Разликата воопшто не е мала. Лек за Алцхајмерова болест чини 550 денари, што е за 200 денари повеќе од тоа колку што чинеше до неодамна.

За 130 денари е зголемена цената на лек за простата, од 50 на 180 денари.

Еден вид на антиепилептици има покачена цена за 100%….

Фармацевти: Ги зголемија цените на лековите за 200%

КУРИР стапи во контакт со двајца фармацевти кои работат во различни аптеки, по еден од општините Бутел и Аеродром.

Тие ни потврдија дека по снемување на квотата, огромен број на лекови добија повисоки цени за до 200%.

-Враќавме пациенти со рецепти дома, уште од 5-ти март. Само што почна месецот, снема квота за одредени лекови. А два од тие 5 дена во март беа викенд. Ние не ги наложуваме цените на лековите, нас истите ни се диктирани. Следуваше огромно покачување токму во моментот кога лекови на рецепт снема. Цената за некои лекови рипна за 200%. Луѓето се чудеа и се нервираат, оправдано. Нас ни велат дека ќе си одат дома без лекот, затоа што покачувањето не го очекувале и не можат да си го дозволат. Јас не можам да ги лажам кога ќе дојдат и ќе ме прашаат дали се поскапени или не, кога ја гледаат цената, раскажува фармацевтот кој го контактиравме.

Бевме во аптека со два пункта. Еден за лекови со рецепти, друг за приватно. Редот кај што се издаваат лекови со плаќање се движеше многу побрзо бидејќи сите кои влегоа да земат лек на рецепт се распрашуваа за проблемот со фискалната сметка. Фармацевтот им објаснуваше дека цените се видно покачени, а тие реагираа како што се очекуваше.

Најавија намалување на цената, а се случи драстично поскапување

Министерот за здравство во Владата на Зоран Заев, Венко Филипче, неодамна најави дека лекови ќе поевтинат, некои од нив за 40 %. На граѓаните тој и премиерот мора сега да им објаснат како од ветено намалување од 40% стигнаа до зголемување од 200% на цената.

Лажното ветување гласеше: Околу 50 проценти од лековите на рецепт од први април ќе бидат со намалена цена. Пациентите ќе заштедат 28 денари на лек за алергија како и 110 денари за терапија за висок крвен пристисок. Министерот за здравство пред почетокот на април најави дека ќе има  поевтинување во сите категории на лекови, од третман на кардиоваскуларни болести до цитостатици и антибиотици.

– Со оваа најголема заштеда во лековите досега, граѓаните ќе добијат поевтини лекови и можност за лекување со нови терапии, односно можност за проширување на позитивната листа на лекови. Истовремено, со намалување на болничката цена на лекови ќе се овозможи зголемување на квалитетот на здравствена заштита, изјави тогаш Филипче, министер за здравство.

Додека осигурениците страдаат, ФЗОМ молчи

КУРИР го информираше Фондот за здравство со поплаките на нашите сограѓани и читатели. Потоа од ФЗОМ побаравме едноставни одговори на прашањата кои ги поставуваат нивните осигуреници.

Прашањата кои ги поставивме, почитувани читатели, ви ги пренесуваме во продолжение:

На колку лекови изминатиов период цената им е драстично зголемена и поради која причина се случува ова?

Дали ќе превземете нешто за достапноста на лековите да се зголеми, односно квотите за на рецепт да бидат отворени подолго време?

Кое решение го нудите за граѓаните кои лековите мораат да ги плаќаат приватно иако за истите имаат рецепт, а финансиски не можат да си го дозволат тоа?

Одговор нема. ФЗОМ молчи додека граѓаните страдаат.

 

Коронавирус