среда, 20. јануари 2021. Вести денес: 112
home Вести

Спорот со името и скандалот „Новартис“ ја одредуваат политичката сцена во Грција

Спорот со името и скандалот „Новартис“ ја одредуваат политичката сцена во Грција

– Поделено е мислењето на Грците во однос на тоа дали постои простор за компромисно решение на спорот со името прифатено од двете страни.

Според истражувањето на јавното мислење објавено во весникот „То вима“, како што јави дописникот на МИА од Атина, 49 отсто од анкетираните сметаат дека постои простор за решение, додека пак 46 проценти одговориле негативно на прашањето за евентуален договор меѓу двете земји.

Разговорите за името и скандалот „Новартис“, двете најголеми теми во Грција од изминатиот период, според анкетата која што е најголема спроведена до сега, се главните точки што ја одредуваат политичката сцена кај јужниот сосед.

Претседателот на „Метрон Анализис“, агенцијата што го спроведе истражувањето, за „То вима“ анализира дека актуелната грчка Влада е во загуба поради прашањето за името, но добива поени во однос на скандалот со фармацевтската компанија. Кај опозицијата, ситуацијата е спротивна.

– Владата се чини дека губи поради македонското прашање, додека пак опозицијата губи поради скандалот „Новартис“, а двата случаи се еден наспроти друг, можеби затоа што и двете прашања се уште се во тек и тешко може да се одреди како ќе завршат, пишува Стратос Фанарас, претседателот на агенцијата „Метрон Анализис“, пренесува МИА.

На прашањето кој е најголемиот проблем со кој што се соочува земјата во овој момент, 39 отсто од анкетираните рекле дека тоа е економијата, 19 проценти невработеноста, 11 отсто политичарите и политичкиот систем, а само 9 проценти одговориле дека тоа е надворешната политика и македонското прашање.

Резултатите од истражувањето покажуваат дека опозициската Нова демократија и понатаму е во водство пред владејачката СИРИЗА, но со намалена разлика, додека пак зголемен е рејтингот на радикално десничарската Златна зора. Поконкретно, според анкетата: Нова демократија има 34.9 отсто, СИРИЗА 25.2, Златна зора 9.4, Движење за промена 8.4, Комунистичка партија 7 отсто, Сојуз на централисти 3 отсто, Независни Грци 2.5 отсто.

Мнозинството од анкетираните (64 проценти) сметаа дека на следните парламентарни избори во Грција, Нова демократија ќе биде прва, додека пак 21 отсто рекле дека ќе победи СИРИЗА.

Во однос на тоа кој е најсоодветен за премиер на земјата, 22 проценти одговориле дека е Кирјакос Мицотакис, лидерот на Нова демократија, 18 отсто Алексис Ципрас, а 45 отсто од анкетираните го одбрале одговорот: никој.

Седумдесет и дват отсто од Грците сметаат дека земјата оди во погрешна насока, а исто толкав е процентот на оние кои што негативно ја оцениле работата на грчката Ввлада.

Коронавирус