вторник, 20. октомври 2020. Вести денес: 0
home Вести

Порака од Пендаровски до учесниците на трката во планинско трчање Охрид Ултра-Треил

Порака од Пендаровски до учесниците на трката во планинско трчање Охрид Ултра-Треил

Претседателот Стево Пендаровски упати порака до учесниците и организаторите на трката во планинско трчање Охрид Ултра-Треил, што ќе се одржи од 18 до 20 септември во Националниот парк „Галичица“ и охридско-преспанскиот регион.

Посакувајќи успех во реализацијата на трката, претседателот Пендаровски во пораката оцени дека нејзиното одржување, и покрај предизвиците поради пандемијата од Ковид-19, говори за истрајноста, за тимскиот дух и за солидарноста на учесниците и на организаторите на настанот.

-Поради мерките за справувањето со пандемијата од Ковид-19, многу спортски натпревари во светот се одложени или откажани. Сепак, наместо да биде изговор за занемарување на спортот, здравствената криза е причина повеќе да вложуваме во спортската и физичка активност како предуслов за здрав живот. Колку поздрави поединци и заедници, толку постабилни општества и подинамични економии, се вели во пораката од претседателот Пендаровски.

„Веруваме дека спортските натпревари и трки, особено во време на физичка и социјална дистанца, можат да ни помогнат за градењето инклузивно и солидарно општество во кое ќе има место за секоја личност. Спортските вредности на почитување, ферплеј, еднаквост и пријателство ни се потребни повеќе од кога и да било порано. Тоа се позитивни вредности со кои треба да ги мотивираме сите генерации, особено нашите млади“, вели претседателот Пендаровски во упатената порака.

Охрид Ултра-Треил е меѓународен спортски настан во природа кој се одржува еднаш годишно во Националниот Парк „Галичица“ и охридско-преспанскиот регион.

Коронавирус