-По закон јас не смеам да се мешам во работата на комисијата, истото го потврдија и членовите на комисијата кои и сведочеа во овој предмет на едно од рочиштата. Во таа комисија беа луѓе кои се експерти по јавни набавки. Тие луѓе се многу поискусни од мене, рече во својата одбрана Ѓоко Поповски обвинет за набавка на 300 возила за потребите на МВР.
Тој на прашање на судијата Добрила Кацарска, зошто ја прифатил одлуката на комисијата да се склучи таков договор одговори:
– Се одеше на возила од разни брендови и во различни сектори. Затоа што се случувало на пример возилата на единицата Алфи да бидат препознатливи и да има пукање во нив. Истото го потврдија и од секторот за следење. Министерството со оваа набавка сакало максимално да ја подобри и олесни работата на припадниците на МВР. Замислете ако не го прифатев извештајот на комисијата. И ако потоа вработените се жалат на неефикасност или се случила некоја несреќа, тогаш ќе сум имал друга мака. Ќе речат ние предлагавме, ама Ѓоко не прифати. Сум бил во ситуација меѓу змијата и магарето, рече пред судот Поповски.