сабота, 10. април 2021. Вести денес: 88
home Вести

Попис од 1 до 21 април, следната недела почнува првата фаза од попишувањето

Попис од 1 до 21 април, следната недела почнува првата фаза од попишувањето

Пописот на населението, домаќинствата и становите во земјава ќе се спроведе во месец април, порачаа од Владата, најавувајќи дека за помалку од една недела започнува првата фаза од попишувањето. Пописот ќе се спроведе во периодот од 1 до 21 април годинава, а критичниот момент за оваа статистичка операција ќе биде на полноќ меѓу 31 март и 1 април.

Министерот за правда Бојан Маричиќ соопшти дека вчера бил информиран од Државниот завод за статистика дека подготовките за пописот одат во најдобар ред и дека за помалку од една недела започнува првата фаза од попишувањето на населението.

– Тоа што е многу важно е дека Евростат и директно потврди дека Законот за попис и методологијата се во согласност со ЕУ законодавството, односно највисоките стандарди за спроведување на ваква статистичка операција, објави министерот Маричиќ на Фејсбук.

Државниот завод за статистика во вторникот го објави јавниот конкурс за ангажирање 5.055 реонски попишувачи и 506 реонски инструктори, кои ќе учествуваат во спроведувањето на пописот и кои во текот на март ќе бидат обучени за пополнување на апликацијата за попис, од страна на 150 државни инструктори, кои први ќе поминат низ обука наредната недела.

Директорот на Заводот, Апостол Симовски вели дека тоа што критичниот момент за пописот ќе биде на полноќ меѓу 31 март и 1 април значи дека починатите граѓани и родените бебиња по овој критичен момент нема да влезат во статистиката.

– Ние имаме критичен момент и ја гледаме состојбата заклучно со тој датум. Ако лицето било живо до тој момент, но починало пред да пристигнат попишувачите, тогаш тоа лице ќе се брои и ние ќе земеме податоци за тој човек. Од друга страна, ако се роди дете по критичниот момент, тогаш тоа бебе нема да влезе во статистиката. Тоа се прави за да се утврди точната состојба до одреден датум. Тој момент е полноќ помеѓу 31 март и 1 април, па сите податоци се собираат само до тој ден, вели Симовски.

Од 1 март започнува самопопишувањето, како и попишувањето на лицата во Армијата и во дипломатско-конзуларните претставништва. При пописот ќе се почитуваат пропишаните здравствени протоколи, при што попишувачите ќе добијат маски и друга заштитна опрема, а кај болните и кај лицата во изолација ќе влегуваат со мантили и визири. Според Државниот завод за статистика, добро би било доколку сите инструктори и попишувачи бидат во приоритената група за вакцинирање.

Во врска со пописот вчера се огласи пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, која изрази резерви околу безбедност во спроведувањето на пописот од здравствен аспект.

– Јас имам дилема дали во ваква кризна состојба каде можеби 15-тина држави, далеку поорганизирани од нас, го одложија пописот, некој ми гарантира за моето здравје или дали јас можам да му гарантирам на оној кој ќе дојде кај мене дека ќе остане здрав, изјави Силјановска Давкова.

Таа оцени дека во ниту една европска држава нема ваков попис, забележувајќи зошто не се попишува само резидентното население кое има постојано живеалиште во земјава, туку и оние кои што се надвор од државата повеќе од 12 месеци.

– Замислете ваков попис во Ирска или во соседна Грција, или во соседна Бугарија, или во Италија колкав ќе биде бројот на жителите, односно на вкупното население, реча Силјановска Давкова, додавајќи дека статистиката е потребна за утре да планираме здравство, образование, култура, социјална заштита, а не за политика.

Коронавирус