недела, 17. јануари 2021. Вести денес: 81
home Вести

Политичкото насилство на власта се трансформира во медиумско „замрзнување“ на опозицијата

Политичкото насилство на власта се трансформира во медиумско „замрзнување“ на опозицијата

Спроведувањето отворено политичко насилство во практикувањето на власта, преку замолкнување на опозицијата на чело со најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ и неприфаќање на нејзините предлози за актуелни прашања од сите кризни состојби со кои сме соочени, полека, но сигурно се пренесува и во сферата на медиумите. И за да се забележи и види тоа не треба многу. Доволно е да се погледне последното соопштение на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги, но и најголемиот агрегат на вести во земјата, како и отсуството на било какви реакции од новинарските здруженија.

Иницијалната каписла за ваквото однесување на најголемиот број медиуми во земјата, без разлика дали пред нив ќе се стави било каква одредница, особено таа за провладини, беше откажувањето на веќе договореното и закажано гостување на ТВ Телма на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Непрофесионалниот и недопустлив однос на една телевизија со национална концесија, со уште по неприфатливо образложение, не претставува ништо друго, освен елементарна слика за нивото на демократијата во земјата и степенот на слободата на медиумите. Да биде заблудата поголема, тоа се два од основните критериуми за напредокот на државата кон евроинтегративниот процес за кој, нели, по се поизвесното вето на Бугарија, ќе треба, како што вели власта, самите да се погрижиме.

Но, ако е ова „формулата“ за тоа, тогаш црно ни се пишува. Зашто, ставањето „под медиумски мраз“ на опозицијата, не само што е спротивно од јавниот интерес, туку и со децении нѐ враќа назад во времето на почетокот на едноумието. Што во крајна линија значи и збогување со демократијата и демократските процеси и повторно воведување на медиумска цензура, авторска автоцензура, политичка диктатура и авторитарен тоталитаризам од најцрн вид.

И кога станува збор за ТВ Телма, на пример, никој не се обиде да ги демантира информациите дека купувањето на нејзината уредувачка политика тежи 32 милиони евра, износ што Владата треба да му го исплати на сопственикот, компанијата Макпетрол, на сметка на доминантната сопственост во гасоводот ГА-МА.

Тоа што најмногу, пак, загрижува е отсуството на медиумскиот молк на институционалната реакција на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги. За потсетување, Агенцијата потсети дека еден од основните програмски принципи на кои се темелат програмите на радио-дифузерите е објективно и непристрасно прикажување на настаните со еднаков третман на различните гледишта и мислења и овозможување на слободно оформување на мислењето на публиката за одделни настани и прашања.

-Медиумите се самостојни и независни при креирањето на уредувачката политика, но политичкиот плурализам е витален за развој и зачувување на демократските општества. Токму затоа медиумите мора да бидат свесни за својата улога и одговорност во креирањето на јавното мислење, односно обврската кон јавноста програмите да бидат отворени за различни политички гледишта, изјавија од Агенцијата.

Напротив, и на ова медиумите и новинарските здруженија не реагираа со што, практично, го озаконуваат институционалниот поткуп на медиумските уредувачки политики! И ќе беше добро ако тоа се случува за првпат. Не! Институционалниот поткуп на уредувачките политики е почнат уште одамна, со исполнување на лукративните интереси на медиумските сопственици. А, врвот беа само законските измени со Владините уредби со законска сила уште пред одржувањето на последните парламентарни избори.

Последниот доказ за ова е известувањето од последното судско рочиште за 27 април. Можеби звучи неверојатно, но е чиста вистина, за предметот за кој владееше исклучителен интерес немаше ниту една вест!? А, за најголемиот агрегатор на вести и да не говориме. Ниту еден провладин медиум не напиша ниту збор за колективната амнезија на актуелни и бивши пратеници од власта за тоа дали потпишале барање за одлагање на собраниската седница за наредниот ден, односно за 28 април! За тоа требаше да ги потсетува одбраната на обвинетите.

Насилното политичко замолкнување и медиумското ставање „под мраз“ на опозицијата треба да води кон гледање на реалноста со „розовите очила“ на власта. Но, праксата покажала дека таквиот однос секогаш се враќа како бумеранг и тоа е само прашање на време.

Коронавирус