вторник, 24. ноември 2020. Вести денес: 135
home Вести

Политичарите испраќаат последен поздрав до Амди Бајрам

Политичарите испраќаат последен поздрав до Амди Бајрам

Долгогодишниот пратеник и претседател на партијата Сојуз на Ромите, Амди Бајрам почина денеска на 64 годишна возраст.

Политичарите во државава за последен пат се простуваат од својот колега и изразуваат сочувство до семејството Бајрам.

Со големо жалење ја примив тажната вест дека мојот долгогодишен и драг колега Амди Бајрам го напуштил овој свет. Дозволете од свое лично име и од името на пратениците на Собранието на Република Македонија да изразам длабоко сочувство за оваа голема загуба, наведе претседателот на Собранието Талат Џафери.

Претседателот на Собранието посочи дека Бајрам како долгогодишен пратеник и претставник на ромската заедница во Република Македонија учествувал во носењето на голем број значајни и стратешки одлуки за земјата.

– Тој беше достоен претставник на својата етничка заедница и направи голем број на работи за нивното општествено напредување. Со својата реторика и позитивен дух се истакнуваше од сите колеги пратеници и ќе остане секогаш запаметен. Моето сочувство оди и до семејството на нашиот поранешен колега Амди Бајрам сигурен дека тагата за вашата голема загуба е неизмерна, наведе Џафери.

Длабоко сочувство до семејството и најблиските за ненадејната смрт на Амди Бајрам, долгогодишен пратеник во собранието на Република Македонија и претседател на партијата Сојузот на Ромите, изразија и од ВМРО-ДПМНЕ.

-Бајрам беше политичар кој се вгради во македонската општествено политичка сцена и во текот на неговиот неколку децениски политички ангажман ќе се памети по своите заложби и говорења за правата на Ромите, се вели во телеграмата од ВМРО-ДПМНЕ.

-Го познавав долги години, беше весел, итар, полн со анегдоти, секогаш внесуваше смееа, па и во најтешки моменти… Фармерките од Трст, првите негови избори за пратеник, голот со пета, годините на незаслужен одмор во Идризово, велешкото потекло на неговата мајка,… се само мал убав дел од памтењето на неговите зборови… Ја сакаше Македонија и страдаше што мораше да прави така како што направи последните години… Нека Господ го чува весел каков што беше! Бог да го прости, пишува Илија Димовски на Фејсбук.

 

Телеграма со сочувство испрати и генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски.

-Со голема тага ја примив оваа жална вест. Изразувам искрено и длабоко сочувство до семејството, роднините и пријателите на Амди Бајрам. Во овие моменти на тага сочувствуваме со Вас, за вашата загуба која знаеме дека не може да се надомести. Амди Бајрам беше долгогодишен претседател на Сојузот на Ромите од Македонија, наш коалициски партнер со кој имавме принципиелна соработка, кој учествуваше и во важните процеси за напредок на земјава. Нека почива во мир, стои во телеграмата на генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски.

Коронавирус