вторник, 21. септември 2021. Вести денес: 151
home Вести

Поднесени 500 амандмани на Предлог измените на Изборниот законик

Поднесени 500 амандмани на Предлог измените на Изборниот законик

Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците попладнево не го утврди дневниот ред на седницата на која требаше да расправа за Предлог измените и дополнувањата на Изборниот законик, откако тие претходно влегоа во собраниска процедура по скратена постапка, како дел од дневниот ред на 49 седница на Собранието.

Претседателката на Комисијата Соња Мираковска за МИА изјави дека за измените се поднесени 500 амандмани. Главна причина да се прекине работата на Комисијата, како што рече, биле поднесените амандмани и потребата да се средат материјалите, но и да се остави повеќе простор за изјаснување на пратениците по упатените забелешки.

Според Мираковска, се очекува седницата да продолжи утре, откако ќе се подготват материјалите.

Измените и дополнувањата на Изборниот законик се предложени од пратениците Јован Митрески, Александар Николоски, Никола Мицевски, Арбер Адеми, Скендер Реџепи.

Како што образложи Митревски, предложените измени на Изборниот законик произлегуваат од последниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР поврзан со предвремените избори во 2020 година и оти дошле по повеќемесечна сеопфатна дебата меѓу партиите и работната група на Министерството за правда.

– Со измените се опфатени сите делови на извештајот на ОБСЕ-ОДХИР и со истите се овозможува поголема ефикасност на изборните органи, се зголемува и подобрува ефикасноста и транспарентноста во изборниот процес, се прецизираат, појаснуваат и поедноставуваат одредени делови од процесот, надлежноста на изборните органи и другите институции и се подобруваат и се воведуваат нови изборни дејствија и рокови пред сè кои се поврзани од досегашното искуство и пракса при спроведувањето на изборите од страна на Државната изборна комисија, но и кои произлегуваат од воведувањето на нов начин на идентификација на гласачите и делумно нов начин на гласање за советници во општините преку отворени-преференцијални листи на кандидати, рече Митревски. (МИА)

Коронавирус