понеделник, 18. јануари 2021. Вести денес: 0
home Вести

Почвата дехидрирана, есенската сеидба под десет отсто

Почвата дехидрирана, есенската сеидба под десет отсто

Високите температури, невообичаени за овој период од годината, ја доведоа во прашање есенската сеидба. За некои култури оптималните рокови веќе поминаа, а почвата е сува, дехидрирана.

Според агрометеоролозите, во опасност е и она малку што е посеано, под десет проценти од планираното. Се надеваат дека состојбата можеби ќе ја подобрат врнежите, најавени за втората половина на идната недела.

-Може да се сее и во ноември, декември, но колку повеќе се пролонгира сеидбата, толку помалку подготвени ќе влезат житата во зима. Ако зимата е со многу ниски темпратури, може да направи проблем. Добро ќе биде ако е блага, вели за МИА агрометеорологот Ангелко Ангелески од УХМР.

Рокот за сеидба на маслодајна репа беше до септември, од почетокот на октовмри се сее есенскиот јачмен, а пченицата од 15 октомври.

-Почвата е дехидрирана. Високите температури го исушија и она мало количество вода што го имаше. Она што е посеано во сушни услови може да се случи да го соберат птици и инесетки и од тоа да не остане ништо. Посеани се под десет отсто пченица, од заораните стрништа непосредно по жетва или на површини каде имало окопна култура. Наредната недела се очекуваат врнежи, но недостасуваат околу 100 литри на метар квадратен. Сепак, и до 20 литри да паднат, подготовките ќе почнат, објаснува Ангелески.

И земјоделците потврдуваат дека ситуацијата е незавидна. Дури ја оценуваат како многу лоша.

-Според сеидбениот календар, до Петковден сé требаше да биде посеано, и пченица и јачмен и рж. Но, ниту десет отсто од предвиденото не е.

Количините пченица годинава ќе бидат многу помали во споредба со лани кога од есенската суша приносите беа преполовени. И цената е ниска. Оваа култура ќе ја снема од површините и во прилепскиот и во битолскиот дел од Пелагонија, нагласува претседателот на Сојузот на земјоделците, Вељо Тантаров.

Според него, ниту врнежите што се најавуваат за идната недела нема да сменат многу. Можеби само ќе испровоцираат поникнување на засеаните култури, но тие ќе угинат ако сушата продолжи.

За другите земјоделски култури топлото време е идеално. Се жнее оризот во Кочанско, брзо се суши арпата. Температурите се одлични и за тутунопроизводството. Сега се најквалитетните берби, а условите за сушење се повеќе од добри.

Коронавирус