вторник, 26. октомври 2021. Вести денес: 117
home Вести

Почина лингвистот Трајко Стаматоски, имаше 96 години

Почина лингвистот Трајко Стаматоски, имаше 96 години

Денеска почина научниот советник Трајко Стаматоски на 96 годишна возраст. Стамакоски беше  еминентен лингвист, почесен доктор на науки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Тој беше последниот жив македонист од првата генерација македонисти на професорот Блаже Конески. Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ, Советот за македонски јазик при Владата и Македонскиот славистички комитет изразуваат длабоко сочувство до членовите на семејството на проф. д-р Трајко Стаматоски.

Трајко Стаматоски е еден од основоположниците на македонската ономастика и основач и долгогодишен раководител на првото и единствено Одделение за македонска ономастика. Се јавува како еден од тројцата автори на „Речникот на македонскиот јазик“ во три тома (1961 – 1966) под редакција на Блаже Конески и како редактор на „Речникот на презимињата кај Македонците“ во два тома (1994 и 2001). Како еден од основачите, со години редовно настапува со свои излагања на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во Охрид и на научните конференции во неговите рамки.

Има работено како лектор-уредник и началник на Програмското одделение на Радио Скопје (1946–1954), преведувач во Танјуг (1947–1948) и соработник (1954–1986), раководител на Одделението за ономастика (од основањето во 1966). Има остварено студиски престои во Полска (1958) и Чехословачка (1961). Бил уредник на списанијата „Литературен збор“ (1961–1976), „Ономастика југославика“ (1969–1982), „Македонски јазик“ (1970–1984) и основач и одговорен уредник на списанието „Македонистика“ (1977–1985). Бил претседател на Друштвото на преведувачите на Македонија (1955–1956), претседател на Советот за македонски јазик, секретар на Друштвото за македонски јазик (1956-1958), секретар на Македонскиот славистички комитет (од основањето 1968–1988) и претседател на Сојузот на славистичките друштва на Југославија (1979–1982).

Автор е на повеќе книги и околу 500 стручни и научни прилози. Меѓу позначајните дела на Стаматоски се: „Градскиот тетовски говор“ (1956–1957); „Речник на македонскиот јазик“ во три тома (1961, 1965 и 1966 – коавтор со Тодор Димитровски и Благоја Корубин, во редакција на Блаже Конески); „Графискиот систем во Македонија во 19. век, (1970); „Борба за македонски литературен јазик“ (1986); „Македонска ономастика“ (1990); „Речник на презимињата кај Македонците“, том I и II (1994 и 2001 – коавтор и редактор); „Кон ликот на Блаже Конески“ (1995); „Шведско-македонски речник“ (1995); „Континуитетот на македонскиот литературен јазик“ (1998); „Македонско-англиски речник“ (1998); „Јазикот на имињата“ (2000 – коавтор со Маринко Митков); „Во одбрана на македонскиот литературен јазик“ (2001); „На ономастички теми“ (2002); „Мислата на Блаже Конески“ (2006).

Стаматоски, како виден општественик, до крајот на својот живот беше  претседател на Градскиот одбор на Сојузот на борци од НОВ и продолжувачите, претседател на Фондацијата за македонски јазик „Небрегово“ поврзана со животот и творештвото на Блаже Конески,  почесен претседател на фудбалскиот клуб „Вардар“, а пред тоа долгогодишен член на вардаровото раководство.

Тој е роден на 6 мај 1925 година во Скопје. Стаматоски беше долгогодишен директор на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ во Скопје (1973 – 1986). Дипломира на Филозофскиот факултет, во првата генерација на групата Македонски јазик во 1950 година. Целиот свој работен и животен век го посвети на проучувањето на македонскиот јазик на повеќе научни рамништа и на неговата промоција во светот. За својот особен придонес во науката, избран е за почесен доктор по филолошки науки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Добитник е на највисоките државни и општествени награди.

Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ, Советот за македонски јазик при Владата и Македонскиот славистички комитет велат дека неговите следбеници во научната работа уште многу години ќе се навраќаат на извонредната бистра и крепка научна мисла на професорот Трајко Стаматоски, а на заедничките средби ќе ја повторуваат неговата позната порака: „Вистинскиот научник не се пензионира, останува да твори до крајот на животот.“ (МИА)

Локални избори 2021