четврток, 19. јули 2018. Вести денес: 51
home Вести

По Владата и МНР без коментар откако Канал 5 го најави договорот со Грција

По Владата и МНР без коментар откако Канал 5 го најави договорот со Грција

По Владата, и Министерството за надворешни работи се без став за пишувањата на телевизијата Канал 5 за евентуалното решение на спорот со името со Република Грција. Оттаму не ги коментираат пишувањата и повторно упатуваат на изјавата на медијаторот на Обединетите Нации, Метју Нимиц дадена веднаш по средбата на шефовите на дипломатиите на двете држави, Никола Димитров и Никос Коѕијас.

-Како став и официјална информација поврзана со надминување на разликата околу името, би можеле единствено да ве упатиме на изјавата на личниот пратеник на Генералниот секретар на ОН, Метју Нимиц, дадена веднаш по средбата со МНР Димитров и МНР Коѕијас во Сунио, на 12 мај oваа година, велат од македонското МНР за Курир.

Оттаму посочуваат дека поради тоа што процесот на преговарање е во исклучително деликатна фаза, МНР проценува оти јавно изнесување на детали може да им наштетат на преговорите.

Телевизијата Канал 5 вчера јави дека конечниот договор за името се очекува да биде постигнат за еден месец, до средината на јуни.

„Прво, на средбите Ципрас-Заев се очекува да биде потврден начелниот договор кој е резултат маратонските преговори минатите 4 месеци, заокружен во саботата во Сунио, како и да им се даде насока на министрите Коѕијас и Димитров за финализирање на последните елементи. Ова вчера го потврди и македонскиот премиер.

Доколку се оди според планот, во следните неколку недели, со посредство на Нимиц, ќе се дојде до финалната верзија на текстот.

Во неговата основа е спорот да се реши со потпишување на Меѓународен договор, по примерот на договорот со Бугарија. Ова треба да се случи пред Самитот на ЕУ, за земјава да го добие долгоочекуваниот датум за почеток на преговорите..

Веднаш потоа, договорот треба да биде одобрен од двата парламенти и со тоа да се овозможи во јули Македонија да добие покана за членство во НАТО. Но, како што е познато, процесот не завршува тука..

Потоа следи период на ратификација на приемот од Парламентите на сите земји членки на Алијансата, вклучително и Грција.. Според информациите, тука е направен клучниот пробив –  во договорот ќе има одредба која на директен начин ќе биде врзана со уставните измени, односно грчкиот парламент ќе дозволи приемот во НАТО да стане ефективен, откако ќе биде исполнет условот за употреба на името ‘ерга омнес’. Грчките медиуми неколку дена споменуваат рок од две години, но ова е една од работите кои останува да се додефинираат.

Како што е веќе познато, основата на решението ќе биде сложено име, најверојатно ‘Република Горна Македонија’, напишано одвоено и со превод на англиски. Тоа веднаш ќе биде меѓународно име на државата, запишано во Обединетите нации. По уставните измени, тоа ќе биде име за севкупна употреба. Графата за државјанство исто така ќе се потполнува со „Република Горна Македонија“.

Официјалниот јазик на државата ќе остане ‘македонски’, веројатно со објаснување дека станува збор за јазик од словенската група на јазици.“, јави вчера Канал 5.

Од Владата за Курир денеска изјавија дека преговорите се интензивни и секогаш кога ќе има значителен прогрес, јавноста ќе биде информирана.

– Веруваме дека и во Грција и во Македонија мнозинството граѓани сакаат добрососедство кое води кон пријателство и кон цврста стабилност и економски развој на регионот. Владата на РМ ги застапува ставовите кои придонесуваат кон унапредување на соработката и перспективите меѓу двете земји, велат од Владата за КУРИР.