среда, 29. јануари 2020. Вести денес: 134
home Вести

По три години власт на СДСМ, Заев со излитени тези повторно „вергла“ за режим

По три години власт на СДСМ, Заев со излитени тези повторно „вергла“ за режим

Владејачката партија СДСМ вчера како што долго ја најавуваше, ја одржа завршната трибина во салата Борис Трајковски во Скопје. Освен излитените тези за режим, кои премиерот Зоран Заев и неговата партија ги повторуваат веќе со години, граѓаните не слушнаа конкретни проекти и планови, коментира експертската јавност.

Во неуверливиот и слаб настап, проследен со уште послабата организација на истиот, премиерот Заев бараше вештачки виновници за катастрофалната состојба во која се наоѓа државата. Заев вината за слабата реализација на ветеното пред 3 години ја бараше кај сите, освен кај себе.

И покрај тоа што СДСМ е на власт веќе 3 години, од вчерашниот настап на Заев се добива впечаток дека кампањата за парламентарните избори СДСМ ќе ја врти на старата воденица, со постојано „верглање“ на тоа како режимот на Никола Груевски ја запустил државата, а тој не е магионичар сето тоа да го исправел за само 3 години, иако јавноста е сведок дека реформите кои ги најавуваше не се ни во почетна фаза.

Новинарот Бранко Героски, во својата колумна „Ова се твоите успеси, другар Заев“, го потсетува лидерот на СДСМ дека дојде на власт без победа на изборите, со два пратеника помалку од победникот. Героски му порачува на Заев дека веднаш по доаѓањето на власт, тој се опкружи со „апаратчици и со апологети“.

-Едноставно, околу тебе има премногу луѓе на кои им недостасува не само знаење и способност да решаваат едноставни проблеми, туку и желба да се потрудат да научат нешто. Кога ова ти беше кажано на самиот почеток на мандатот, ти успеа да подигнеш бедем на одбрана на твојата одлука, не сфаќајќи дека тој бедем е керпич што ќе се распадне при првите удари на аргументираната критика, при првата посилна бура што ќе ја предизвикаат кризите и аферите од кои не може да избега ниту една влада. Тоа и се случи, пишува Героски.

Удри по македонизмот со сета сила

Во однос на решавањето на спорот за името, Героски му порачуѕва на Заев дека договорот ги надминал неговите ветувања кон нацијата.

-Да те посетам, ти ни вети дека компромисното име ќе биде само за меѓународна употреба и дека нема да се менува Уставот. Додека дишам, велеше, Уставот нема да се смени. Гледам, уште дишеш и ти посакувам да си се изнадишеш уште долго. Можеби беше принуден да ја платиш таа цена, ама ти не беше искрен со нас, со граѓаните на Македонија. Нѐ излажа, другар Заев.

Успеа Преспанскиот договор да го промовираш во твое маестрално достигнување, достојно за кандидатура за Нобеловата награда за мир (која, нормално, не успеа да ја добиеш). Успеа новото компромисно, но службено име на нашата земја (Република Северна Македонија), како и придавката изведена од тоа име, да ги наметнеш како обврска во секојдневниот говор на сите службени лица, што не е обврска од договорот што го потпиша. Го повторувавте тоа ново име како папагали. А немате обврска. Тоа поттикна некои од твоите најголеми медиумски поддржувачи да објават дека Македонија треба да умре, дека македонизмот веќе е мртов. Се родија дури и идеи да ја смениме химната, да се откажеме дури и од „неспорниот“ дел од нашата историја, оној кој ти самиот го именуваше како историја на „Република Северна Македонија“. Тоа од никого непобарано и непредизвикано самонегирање на нашата нација, е твој успех, другар Заев. За кој не ти простувам, пишува Героски.

Ја уништи надежта за правда и мир

Твојот најголем успех, другар Заев, е што ја разочара нацијата и ја уништи надежта дека некогаш ќе има правда и мир. Се сеќаваш, „нема правда, нема мир“ беше централниот слоган на револуцијата што те донесе на власт. Наместо веднаш да се зафатиш со коренити реформи во судството – што подразбираат подобрување на системот, на легислативата, на процедурите, на квалитетот на правосудната пракса, едноставно усогласување на сите овие клучни елементи со европските регулативи и со европската пракса – ти и твоите советници реформите ги сфативте како естрадно воведување Јакобинска правда. Беше тоа најсилен и најопасен изблик на твојот популизам.

Ти успеа да формираш револуционерен суд, т.н. прек суд, единствен таков во модерна Европа (ако не се смета Хашкиот трибунал). Тоа беше Специјалното јавно обвинителство. „Трите грации“. На чело со Катица Јанева, жената што требаше да донесе и правда и мир. Најголем дел од истрагите и процесите што ги покрена СЈО, се водеа аматерски, наспроти процедурите, со кршење на самиот закон за ова обвинителство и со огромна поддршка од брифираните медиуми и од јавноста жедна за правда. И веројатно тој пир ќе беше истолериран од меѓународната заедница и ќе беше прокнижен како твој успех, да не се случеше она најлошото – да не дознавме за аферата „Рекет“, за врските на Јанева со една рекетарска група, но и за неверојатните факти за начинот на кој СЈО бил буквално корумпиран од власта, со огромни надоместоци за кои нема никакво логично објаснување и оправдување.

Кога Заев води „на прав пат“ кон иднината, нешто мора да тргне наопаку

Детаљ од трибината на СДСМ во Скопје зборува повеќе од сè што кажа лидерот Зоран Заев во салата „Борис Трајковски“.

Превртениот натпис „иднина“ во рацете на една од учесничките во перформансот зад премиерот во заминување на социјалните мрежи го протолкуваа како доказ дека, кога Заев води „на прав пат“ кон иднината, нешто мора да тргне наопаку.