среда, 5. август 2020. Вести денес: 172
home Вести

По приговор од ВМРО-ДПМНЕ: ДКСК бара одговорност за Филипче – бил на митинг со возило на Агенција за разузнавање

По приговор од ВМРО-ДПМНЕ: ДКСК бара одговорност за Филипче – бил на митинг со возило на Агенција за разузнавање

Во писменото известување од Агенцијата за разузнавање до ДКСК се вели дека возилото е донација од Кина и согласно препораките таквите донации се отстапени во користење на повеќе државни органи, меѓу кои и на Министерството за здравство.

Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) во рок од 15 дена ќе покрене иницијатива за одговорност на министерот за здравство, Венко Филипче, за користење на службено возило на Агенцијата за разузнавање за партиски цели. Овој приговор до Антикорупциска го поднела ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова за Македонија“.

Во приговорот, како што образложи Нури Бајрами од ДКСК, се изразува сомнеж дека на 27 јуни годинава патничко возило во сопственост на Агенција за разузнавање било вклучено во предизборни активности на СДСМ во Штип и се бара од ДКСК да се санкционира одговорното лице.

„Во прилог на приговорот е доставена фотографија од возило во колона на други возила, со објаснување дека е вклучено во предизборни активности на коалицијата ‘Можеме’ и тоа во неработен ден. ДКСК побара образложение од директорот на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу, и во писмено известување беше кажано дека возилото е донација од Кина и согласно препораките таквите донации се отстапени во користење на повеќе државни органи, меѓу кои и на Министерството за здравство“, изјави Бајрами.

Поради краткиот временски рок, ДКСК на 6 јули се обратиле до Министерството за здравство, од каде им бил испратен само договорот за отстапување на тоа возило од Агенцијата за разузнавање и телефонско објаснува дека тоа возило е возено тој ден од министерот Венко Филипче, но не како што се наведува во приговорот на 27.06, туку на 28.06.

„Во телефонското објаснување се вели дека тоа возилото е возено од министерот, кој претходно во Штип извршил работи и работни задачи од своја надлежност, но учествувал и во претставување на програмата на коалицијата „Можеме“ заедно со носителот на изборна единица 3 Љупчо Николовски и претседателот на СДСМ Зоран Заев“, појасни Бајрами.

Во конкретниот случај, додаде тој, се констатира дека е прекршен член 33, став 2 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси.

„Наводите од приговорот се потврдени. Приговорот се прифаќа и согласно тоа ДКСК во рок од 15 дена треба да покрене иницијатива до Владата за утврдување на одговорност на министерот за здравство Венко Филипче“, изјави Бајрами.

На денешната 32 седница на ДКСК се разгледаа уште два приговори поднесени од ВМРО-ДПМНЕ, но Комисијата не ги прифати.

Коронавирус