понеделник, 17. февруари 2020. Вести денес: 0
home Вести

По мислењето на Венецијанската Комисија: Законот за јазици удира во ѕид, кој сега ќе понесе одговорност

По мислењето на Венецијанската Комисија: Законот за јазици удира во ѕид, кој сега ќе понесе одговорност

Венецијанската комисија во мислење усвоено вчера, ги повикува властите во Македонија да го преиспитаат Законот за употреба на јазиците преку консултации со сите засегнати страни.

Според соопштението, издадено по состанокот во Венеција, правните експерти на Советот на Европа подвлекуваат дека во споредба со законодавството од 2008 година, новиот закон значително ја проширува употребата на албанскиот јазик и во многу аспекти ги надминува европските стандарди утврдени со Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за регионални и малцински јазици.

Венецијанската комисија, додека ја поздравува подготвеноста на властите за подобрување на јазичната состојба на заедниците, таа оценува дека во одредени области новиот закон може да оди премногу далеку со наметнување на јавните институции на нереални правни обврски, особено во врска со употребата на албанскиот јазик во судска постапка, придружено со тешки санкции во случај на непочитување и можност за промена на судските решенија, доколку има недостаток на превод и толкување во текот на постапката.

Според мислењето на Венецијанската комисија, овој пристап би можел значително да го забави функционирањето на целото правосудство, ризикувајќи сериозни нарушувања на правото на фер судење, загарантирано со Европската конвенција за човекови права.

Комисијата понатаму забележува дека законот за јазици не е прецизен кои одредби важат само за албанскиот, а кои, исто така и за другите јазици на заедниците.

Венецијанската комисија дава неколку препораки до властите во Македонија, особено за напуштање на одредбите што се однесуваат на двојазичноста во судските постапки. Исто така, препорачува обврската да се користи албанскиот јазик во внатрешна и меѓуинституционална комуникација меѓу државните службеници, да се ограничи на писмените службени комуникации или да биде одложено додека не стане реално соодветното спроведување на таа одредба.

Што се однесува до спроведувањето на паричните санкции, правните експерти на Советот на Европа посочуваат дека треба да се одложат се додека не се измени законот за да се обезбеди доволно правна јасност, да се намалат износите на казните, како и да се воведе елементот на грешка и принципот на пропорционалност.

Властите, исто така, се поканети да направат анализа за спроведувањето на законот од 2008 година и проценка за влијанието на новиот закон за јазици за буџетот и човечките ресурси.

Неодамна на ова предупреди и Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој посочи дека според заклучокот на Венецијанска комисија се дека се урива правниот систем во Македонија со законот на СДСМ.

„Власт во оваа држава е коалицијата предводена од Зоран Заев, СДСМ, ДУИ и претпоставувам уште неколку помали политички партии и целокупна одговорност за сите погрешни политики веќе трета година по ред ја имаат тие луѓе.“

Ние како опозиција може да се бориме со сите демократски алатки кои што стојат на располагање и тоа го правевме изминатиот период. Јасно го знаат ставот оние граѓани кои што сакаат и се добронамерни да го слушнат ставот на ВМРО-ДПМНЕ е поврзано и со Законот за јазиците, и со сето останато што според нас изминатиот период беше погрешно, појасни Мицкоски.

Мицкоски додаде дека во едно разумно, демократско општество се отвора јавна дебата по неколку прашања.

И ВМРО-ДПМНЕ како партија апелираше особено за прашањето околу Законот за јазици и тоа што апелираше излезе дека е точно во суштина, практично Венецијанската комисија си го кажа своето во работниот извештај. Венецијанската комисија во својот работен извештај се изјасни ние не сме против примената на јазиците на етникумите кои што се различни од македонскиот народ во Македонија. Но истовремено тоа мора да биде функционално, применливо согласно законите и Уставот итн.

Тогаш се дивееше на еден начин односно тоа се спроведе и се имплементираше, се доведоа во кривична одговорност директори на институции како директорот на „Службен Весник“. И гледаме денеска Венецијанската Комисија каков заклучок дала, замислете заклучокот никој не го коментира тоа, заклучокот е дека го урива правниот систем. Тоа е еден од основите на Копенхагешките критериуми да може Македонија да напредува во евроинтеграциите. Вие ако немате функционален правен систем, вие не можете да напредувате во понатамошните евроинтеграции, истакна Мицкоски.