петок, 13. декември 2019. Вести денес: 0
home Вести

По Кирил и Методиј, Бугарите го присвојуваат Гоце Делчев: Скопје и Софија ја разгледуваат можноста за заедничко чествување

По Кирил и Методиј, Бугарите го присвојуваат Гоце Делчев: Скопје и Софија ја разгледуваат можноста за заедничко чествување

На дводневната петта средба на Заедничката комисија за историски и образовни прашања помеѓу Република Македонија и Република Бугарија, што се одржа во Софија, била разгледана можноста за заедничко чествување и на Гоце Делчев.

На средбата што на 10 и 11-ти овој месец се одржа во Софија, биле разгледани неколку прашања од интерес на работата на Комисијата во согласност со Договорот за добрососедски односи помеѓу Република Македонија и Република Бугарија.

-На средбата Комисијата ги разгледуваше меѓусебно разменетите забелешки за бугарските учебници по историја за 5 клас и македонските учебници по историја за 6 одделение, односно за периодот на антиката. Притоа, Комисијата водеше дискусија во однос на одредени делови кои можат да се подобрат. Во однос на ова прашање комисијата дополнително ќе достави предлог со конкретни препораки до соодветните влади и министерства. Исто така, на средбата беше започната дебата за значењата на Гоце Делчев во двете држави и околу можностите за заедничко чествување на Гоце Делчев. Дискусијата по ова прашање ќе продолжи на следните средби, соопшти Македонскиот тим при Заедничката комисија за историски и образовни прашања меѓу  Македонија и Бугарија.

На претходните средби, заедничката Комисија постигна согласност за препорака до владите на двете држави за заедничко чествување на Св. Кирил и Методиј, Св. Климент Охридски, Св. Наум, Цар Самоил и Григор Прличев.

-Работата на комисијата претставува дијалог во кој треба се слушаат гледиштата на двете страни, кои взаемно си укажуваат каде е потребно да има подетално и послоевито објаснување во учебниците по историја, а евентуалните препораки од комисијата се со единствена цел за подобрување на квалитетот на учебниците и регионалното помирување и разбирање, велат од македонскиот тим.

Светската практика, како што посочуваат, покажала дека комисиите по историја биле, и сé уште се, многу важен инструмент за надминување на ексклузивно националните визии на проблемите во историографијата, особено во делот на политичката историја