вторник, 10. декември 2019. Вести денес: 161
home Вести

По ексклузивната објава на КУРИР за новиот закон за јавни собири, Владата под притисок од јавноста го повлече

По ексклузивната објава на КУРИР за новиот закон за јавни собири, Владата под притисок од јавноста го повлече

Откако вчера КУРИР ексклузивно го објави новиот предлог Закон за јавни собири под наслов „Државата тоне, власта ќе забранува протести?“, и по серијата реакции на граѓанските организации и голем број граѓани на социјалните мрежи, власта под притисок од јавноста денеска го повлече истиот со изговор дека ќе се подобрувала содржината.

Владата во денешното кусо соопштение порачува дека има простор за разговори и подобрувања согласно со Уставот.

-Владата на денешната 164-та седница одлучи да ги повлече предлог-измените со цел да се обезбеди поширока консултација, соопшти владината прес-служба.

Инаку, во предлог законот се предвидуваше минимум 50 граѓани да можат да организираат протест, наместо досегашната бројка од 20 луѓе.

Се планираше и менување на дел од условите за местата каде е забрането да одржуваат јавни собири. Покрај досегашните забранети локации како автопатишта, болници и градинки и училишта, во предлог- законот се додадоа уште неколку одредби во Членот 2- странските амбасади, објекти и простори од интерес за безбедноста на државата, како и седиштата на органите на државната власт и просторот околу нив, одредба која беше најконтроверзна и предизвика најмногу критики во јавнота.

Предлог-законот исто така содржеше и одредба во која лицата кои присуствуваат на јавниот собир не смеат да носат средства на лицата и главата кои го отежнуваат утврдувањето на нивниот идентитет, а се одредуваше и временски период во кој може да се одржува јавниот собир, односно од 6 до 23 часот.

КУРИР пишуваше дека пред неколку дена, во Собранието пристигнаа скандалозните предлог измени на Законот за јавни собири каде што се предвидуваат нелогични и речиси невозможни услови за граѓаните и организаторите на јавните собири и протести.

Владата и Министерството за внатрешни работи преку овие измени дополнително го ограничуваат правото на јавни собири и протести, го ограничуваат времето кога тие би се одржувале, но и ја зголемуваат потребната бројка на граѓани за организирање на ваков тип на собири.

Имено, најнелогичната и најскандалозната измена е тоа што власта предвидува и забранува организирање на јавни собири пред и околу објектите на државната власт односно пред било која државна институција.

Оттука се наметнуваше и прашањето, каде на друго место граѓаните ќе го искажат своето незадоволство од функционирањето на институциите и Владата, ако не пред органите на државната власт?

Нејасно беше и зошто власта се обиде да ги замолкне граѓаните, знаејќи дека додека тие беа во опозиција непречено протестираа безброј пати, пред речиси сите државни институции, организираа 24-часовни кампови пред објектот на Владата, уништуваа државен имот и уште многу примери, кои се сосема спротивни од она што сега тие се обидуваат да го воведат.

Очигледно, во пресрет на предвремените парламентарни избори во април наредната година, се зголемува стравот од граѓаните и тие на секој можен начин се обидуваат да го задушат и игнорираат незадоволството кое го има народот од политиките на оваа актуелна политичка гарнитура на власт.

Откако македонската и експертската јавност, граѓаните и невладините организации реагираа на овие скандалозни предлог измени на Законот за јавни собири, владата под притисок се реши да го повлече ова законско решение.