недела, 26. септември 2021. Вести денес: 0
home Вести

По една седмица се уште нема одговор како дошло до несреќата во модуларната болница во Тетово каде изгореа 14 граѓани

По една седмица се уште нема одговор како дошло до несреќата во модуларната болница во Тетово каде изгореа 14 граѓани

Се уште нема одговор како и која е причината за изгорената модуларна Ковид болница во Тетово во која изгореа 14 граѓани пред само една седмица.

Додека роднините на изгорените пациенти и присутни во болницата се уште тагуваат, речиси и да нема никаква одговорност од страна на првиот човек за здравство Венко Филипче, ниту пак од двајцата директори на тетовската болница.

Различните изјави од страна на министерот за здравство Венко Филипче кој прво кажа дека нема да си поднесе оставка се додека не заврши истрагата, а по само еден ден на прес конференција најави дека доставил пишана оставка до премиерот Зоран Заев, го подгреа и така веќе големиот револт кај граѓаните, кои бараат не само одговор, туку и одговорност како и зошто дошло до пожарот, но и зошто во самата модуларна болница се наоѓале и роднини на заболените.

Според докторите одговорност мора да има, укажувајќи дека овој тип на болници не се за интензивна нега и грижа на заболените од КОВИД.

Имено, доктор Андон Чибишев вели дека во модуларните болници не може да се пружа интензивна нега и затоа не би требало да се користат за лечење на болни од ковид-19.

Јас сметам дека модуларните болници не се капацитети во кои може да се пружа интензивна медицинска нега. И требаше од почетокот на пандемијата од февруари-март 2020-та до денес, имаме четири бранови, меѓу брановите кога имавме одредено смирување на епидемиолошката ситуација, требаше да мислат надлежните како да се зголемат инфраструктурно капацитетите. Како да се зголеми стручниот кадар затоа што ние немавме ни доволно инфектолози, ниту луѓе кои се оспособени да третираат такви тешки пациенти, поставени на респираторна машина – рече Чибишев во гостување во емисијата Што не е јасно на ТВ Алфа.

На ист став е и докторот Игор Николов, кој смета дека трагедијата во Тетово е голема, а Филипче мора да одговара за тоа што се случи.
Она што ни се случи за време на корона кризата е тоа што не успеавме да ја слушнеме стручната јавност. Ја нема ни во овој случај со модуларната болница во Тетово. Нема истрага, нема информации од експерти.Од ваквиот начин на функционирање видовме само функционирање по принцип на Политбиро или развиваме систем кој функционира по принцип култ на личност или Политбиро, вели Николов и додава:

Жалосно е тоа што се случи во Тетово и Зоран Заев е навикнат на тие игри, но изненадува што во тоа се вклучени доктори. Ние мора да ја преземеме одговорноста. Во таа игра е доктор Филипче и сега се зборува дали има понудено оставка, па дали е отповиклива или не. А едноставно е – мора да одговара!

Не само реакциите од страна на докторите кои бараат одговорност од Филипче, и опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса на Албанците и Алтернатива побараа неотповиклива оставка од Филипче.

ВМРО-ДПМНЕ преку партиски соопштенија побара оставка од Филипче и Заев за да може да се влијае врз доказите во истрагата. Од Алијанса на Албанците пак обвинуваат дека оставката на Филипче е всушност обид да се оправда нефункционалната влада кои како што велат потребно е оставка до последниот.

„Тие коишто пред само 24 часа рекоа дека е време за предизвици, а не за оставки, по објавувањето на првите индиции за трагични грешки во изградбата на модуларната болница во Тетово, даваат оставки. Овие задоцнети оставки се обид да се оправда нефункционалната влада која мора да поднесе оставка до последниот, тактика на неодговорни функционери за да ја покријат својата вина, брзање да го амортизираат револтот на граѓаните и игра да избегаат од одговорноста“, велат од партијата.

Од друга страна пак имаше и оркестрирани обиди од страна на директорите на Јавните здравствени установи кои преку писмо побараа премиерот Заев да не ја прифати оставката.
Но, обидот на премиерот Заев за спас на Филипче е само неуспешен план за смирување на револтот и гневот кај граѓаните, но и кај докторите кои сметаат спротивно од поставените директори на ЈЗУ од страна на Филипче.

Имено, докторката Жаклина Шопова преку набројување на неколку факти за работењето или неработењето на Филипче смета дека за доброто на граѓаните и пациентите премиерот Заев треба да ја прифати оставката.

Ако директорите бараат од премиерот да остане Филипче, јас ќе се потрудам да го кажам спротивното:

1. Велите: пандемијата трае, болниците се преполни… ЗОШТО!?

Заради Венко и неговата/вашата неспособност за менаџирање.

2. 1112 пациенти со тешка клиничка слика се лекуваат, 30 пациенти се на респиратор (само не кажувате на кои респиратори, тие што требаше да ги добиеме, да ги набави Венко или …),

700 пациенти се на кислородна подршка со маска. ЗОШТО!?

Заради Венко и сите вас кои не ги припремивте и не ги дистрибуравте протоколите за третман на секое ниво во здравството низ целата Република, бидејќи не направивте план за белиот мантил, бидејќи преку ноќ ги претворате болниците во ковид центри, бидејќи им го одземавте со закон загарантораното право на сите останати.

Коронавирус