четврток, 22. октомври 2020. Вести денес: 85
home Вести

По деветти пат Школа за млади лидери на претседателот Иванов во Струга

По деветти пат Школа за млади лидери на претседателот Иванов во Струга

Вкупно 40 учесници и триесетина предавачи од Македонија, Европа и светот ќе бидат дел од деветтата по ред Школа за млади лидери, што од 20 до 30 август 2018 година ќе се одржи во Струга.

Школата за млади лидери е лична иницијатива на претседателот Ѓорге Иванов, а нејзината програма опфаќа предавања и обуки во сферите на лидерството и менаџментот од страна на еминентни предавачи и гости од врвни образовни и професионални институции, менаџмент-симулации и практични вежби. Идејата на Иванов, како што соопштуваат од неговиот кабинет, е да се овозможи на младите талентирани и амбициозни луѓе од Македонија да ги надградуваат и усовршуваат своите вештини, да ја развиваат својата креативност и менаџерски способности.

На свеченото отворање на деветтата Школа за млади лидери во понеделник, 20 август 2018 година, во Струга, покрај Иванов, свое обраќање ќе има поранешниот претседател на Република Латвија, Валдис Затлерс.

Меѓу предавачите на годинешната Школа за млади лидери се Дејвид Голдсмит, еден од водечките експерти за бизнис менаџмент и лидерство, Озгур Торт, главен извршен директор на MIGROS Group, Штефан Петер, претседател на Извршниот Одбор на ЕВН Македонија, Пинар Ајваз Арикан, генерална директорка на Туркиш ерлјнсво Скопје, Есер Џевахир, директор на Џевахир холдинг, Сани Шенер, Извршен директор на ТАВ аеродроми, Бајбарс Алтунташ, претседател на Инвестициониот форум за светски бизнис ангели, Дејвид Бекет, TEDx тренер, Снежана Живчевска – Сталперс, Менаџер на проекти во IBM.

Предавања на школата ќе одржат и други истакнати поединци, лидери на успешни компании, и претставници на етаблирани институции од Македонија, Европа и светот.

Оваа година програмата на школата ќе биде фокусирана на најдобрите практики и знаења за развој на еко-системи за поттикнување на старт-ап, мали и средни претпријатија, како и деловното истражување и иновациите воопшто.

Во изминатите осум години на школата учествуваа 320 млади луѓе и над 180 реномирани предавачи.

Школата за млади лидери беше прогласена за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот форум на бизнис ангели.

Учесниците на досегашните школи се организирани во Алумни асоцијација – ИСЛАА, регистрирана како посебно здружение, коешто низ семинари, панел дискусии, предавања и учества во младински настани, овозможува продолжување на развојот на нивните знаења и вештини.

Коронавирус