петок, 22. ноември 2019. Вести денес: 74
home Вести

По дебаклот во Брисел мора да има одговорност и оставки

По дебаклот во Брисел мора да има одговорност и оставки

Во вечерашната емисија “Што не е јасно” на телевизија Алфа, Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европска политика и Владимир Божиновски од Институт за политички истражувања истакнаа дека мора да има политичка одговорност по дебаклот во Брисел. Ристевска Јорданова не ја исклучува можноста за оставки, бидејќи станува збор и за индивидуална и за субјективна и објективна одговорност. И оставките во вакви ситуации се опција, вели таа.

Според Божиновски, мора да има одговорност и оставки бидејќи доколку се одеше на тоа да се подели одговорноста тогаш уште во самиот почеток на преговорите требаше да се вклучат и другите политички чинители. Не беа вклучени и се се одеше на сила, вели Божиновски.

-Самото носење на договорот, па имавме референдум за кој што исто така предупредував дека требаше сите да се договориме какво ќе биде прашањето. Да има едно прашање кое ќе биде јасно и кое на некој начин ќе ги отсликува двете заложби на двете страни, односно оние кои ќе бидат за или против. А всушност какво беше прашањето ? Дали сте за влез во ЕУ. Со такво прашање каде сакате да се подели одговорноста. Еве доколку се добиеше датум, дали заслугата ќе ја делеа со другите политички субјекти. Се разбира не. Затоа сега немаме поделена одговорност. Одговорноста е исклучиво кај власта и толку. Во 2008 после Букурешт, по неуспехот кога не влеговме во НАТО имаше предвремени избори. Тогаш владата си поднесе политичка одговорност и си распиша предвремени избори. Така и сега оваа власт треба да си понесе политичка одговорност и да распише избори да видиме дали граѓаните им веруваат или не. Особено што сега ние жртвувавме многу за сето ова, дециден е Божиновски.