сабота, 27. ноември 2021. Вести денес: 0
home Вести

Писмо од вработените на ПШС Бабуна Велес: 95 вработени не одат на работа без никој да ги информира ЗОШТО?

Писмо од вработените на ПШС Бабуна Велес: 95 вработени не одат на работа без никој да ги информира ЗОШТО?

До редакцијата на Велес365  пристигна писмо од вработените во Шумско Стопанство Бабуна Велес.

Во писмото, вработените бараат одговор од надлежните зашто без никаква информација, туку само со известување на вратата на подружницата не одат на работа и стравуваат за своите работни места. Тие стравуваат за своето здравје како и за здравјето на нивните семејства, доколку нешто се крие од нив.

Ви го пренесуваме писмото на вработените во целост:

95 вработени во подружницата на Ј.П. Македонски Шуми ПШС Бабуна Велес од денес 23.03.2020 не одат на работа без никој да ги информира ЗОШТО???

Имено на нас 95 вработени во ПШС Бабуна Велес на ден 21.03.2020. год телефонски кој ќе стаса ни се јавува, дека од понеделник 23.03.2020 не треба да доаѓаме на работа, без никакво конкретно образложение. Подружницата е затворена и на влезната врата има едно штуро соопштение со кое се информираат вработените, коминтентите, и граѓаните дека фирмата нема да работи едно определено време, а за почеток на работата сите накнадно ќе бидат информирани. Сето ова е направено без потпис, без печат, без архивско бројче, и што е најважно без име и потпис од директорката Љубинка Попова, и на крај е напишано благодарам за разбирањето и толку.

ПРАШУВАМЕ:  Зошто фирмата е затворена под итно и не работи. Зошто ние вработените седиме дома. По кој закон сме испратени дома? По закон за јавно здравје, по препорака од центарот за јавно здравје, поради некој колективен договор за седење дома, или пак поради тоа што неофицијално се зборува дека директорката е во самоизолација, поради тоа што била во контакт со лице заразено со коронавирус, знаела цела недела и не кажувала?

Ние вработените сме исплашени, од закани уцени, бркање од работа затоа што не смееме да зборуваме за состојбата во фирмата. Зошто немаме писмено образложение со кое се потврдува седењето дома? Дали тоа што ни е кажано усно преку телефон нема да има никакви последици пo нас и нашата работа? Ја прашуваме директорката Љубинка Попова која што е недостапна веќе неколку дена, да се јави и да ја објасни оваа нетипична ситуација?

Многу прашања-нема одговори???

Вработени во ПШС Бабуна

23.03.2020

По ова и дел од вработените го искажаа својот револт преку социјалните мрежи.

-Вака сега директоре Зоки и сите засегнати во шумарството во Македонија!!!
Како прво, во однос на објавата што ја пуштивте доцна синоќа на страната на претпријатието и јавно се заканивте, не Ве прашувам за кој е наменета таа закана, знам и знаеме, јасно е како ден, туку да Ве прашам нешто друго што мене, а и голем дел од вработените во шумарството ги интересира?!?

Еве јас не, ами ќерка му вчера јавно потврди дека прв се разболел татко и, помошник директор во шуми, симптомите ги добил пред два-три дена, а најверојатно се заразил ни повеќе, ни помалку, во Скопје, НА РАБОТА!
Така вели таа, не јас!!!
Следствено на ова, од ова што досега се знае за вирусот, пред да манифестира болниот симптоми, може да поминат доста денови, а секако дотогаш е преносител.
Откога жена му на директоров, инаку началник доктор во Кавадарци не успеала дома и по болници во Кавадарци скришно да го излечи (за оваа епизода во друга прилика) и кога згусна и пукна се, јас сега ќе Ве прашам нешто јавно :
*Зошто како што е редот, како што е доблесно и чесно кон сите вработени пред се во шумарството, а секако и пред целата македонска јавност не кажавте дали човекот за кој што е потврдено дека е болен доаѓал на работа?
*Ако доаѓал, кога доаѓал и со кој патувал, со кого се сретнал и дали последниот ден кога бил на работа си заминал од работа затоа што му се слошило?
*Дали дел од раководниот тим неделава што измина не доаѓаше на работа и дали причина за недоаѓање се здравствени проблеми и какви?
*Колку луѓе од дирекција кои имале контакт со заболениот се во карантин?
*Дали ДИРЕКТОРЕ денеска, 23.03.2020 по насоките од здравство во дирекцијата на шумарството на работа се само неколку луѓе, а сите други се ДОМА?
*Дали насоките од здравство се сите од дирекција периодов што следи да седат дома и ако некој добие симптоми ВЕДНАШ да се јави на лекар?
*Дали во дирекција е извршена дезинфекција и ако не е, зошто не е?
*Дали некои од колегите од подружниците биле во контакт со болниот или со оние кои се во карантин поради болниот?
*Дали некои од тендерашите биле во контакт со болниот или со оние кои имале контакт со него?
*Дали најмалку уште еден од менаџерскиот тим на шуми е ОФИЦИЈАЛНО потврден дека е болен од корона?
*Дали, дали, дали, …

Директоре Зоки, на јавноста, а пред се на шумарската фела, на нашите колеги во соопштенијата кои ги пуштате и ќе ги пуштате во иднина Вие конкретно знаете што треба да напишете. На пример, да напишете конкретни насоки, мерки, па дури и имиња, а не само празни флоскули.
Им требаат имиња за да секој еден наш колега се најде во приказната и за секој во периодот што следи знае што да прави и што да очекува, да знае како да се однесува во средината пред се со најблиските, а потоа и со колегите, а не луѓето да бидат ни на небо, ни на земја.
Зоране, место закани, на луѓето треба да им ја кажете вистината, хумано, чесно, човечно и доблесно е тоа. Луѓето Зоране, безмалку сите, не само јас, ги знаат одговорите на сите прашања и погоре и оние што би следувале надоле, но Ваше е, Ваша е одговорноста Вие тоа јавно да го споделувате затоа што сето тоа ќе биде во интерес на здравјето на граѓаните, а не за ширење паника?!?

И за крај Зоране, најважното, од срце посакувам колегата што побрзо да оздрави, а после него ниту еден, дај Боже ниту еден повеќе да не се заразил.
Но што Зоране ако лавината тргнала удолу, кој ќе ја сопре?! Кој ќе биде одговорен за тоа? Јас и уште неколку колеги што сме се одважиле и сме ги предупредиле колегите да бидат внимателни во периодов што следи или Вие што не сте биле искрени и чесни, т.е. што сте биле невнимателни и несериозни кога било најпотребно?
КОЈ ЗОРАНЕ???
Одговорот на прашањата е пожелно да ги добиеме сега, не после изолацијата, може да биде предоцна!, стои во неговиот пост на Фејбсук.

Коронавирус