вторник, 20. октомври 2020. Вести денес: 11
home Вести

Петмина поранешни членови на ДИК побарале апанажа

Петмина поранешни членови на ДИК побарале апанажа

Петмина поранешни членови на Државната изборна комисија (ДИК) поднеле барање за апанажа до Собранието на Република Македонија, додека тројца се вратиле на своите работни места, јави МИА. Осуммина членови на ДИК поднесоа оставки, а Собранието ги констатира по обвинувањата во јавноста за земање големи надоместоци за изборите.

Барања за апанажа, како што потврдија, поднеле поранешниот претседател Александар Чичаковски, кој беше од редот на експерите, и членовите Игор Милев и Виолета Дума од СДСМ, Субхи Јакупи од ДУИ и Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ. Надоместокот за апанажа за членовите би требало да биде за една година имајќи предвид дека мандатот во овој состав беше повеќе од две години, а износот е колку нивната месечна плата.

На работното место во Собранието се вратил поранешниот член на ДИК Реџеп Прекопуца, во Подрачното одделение на ДИК во Гевгелија Атанас Урумов и како државен советник во Министерството за транспорт и врски Сашо Срцев, кој беше долгогодишен член на ДИК предложен од ВМРО-ДПМНЕ.

Комисијата броеше девет члена, а оставка не поднесе само Ермира Асани Салија која беше предложена од Беса, и го замени Бедредин Ибраими од ДПА непосредно пред локалните избори.

ДИК денеска со отворен ден го одбележа Глобалниот ден на изборите. Портпаролката на Комисијата Љупка Гугучевска кажа дека граѓаните се интересирале за начинот на водење на избирачкиот список и за електронската проверка во Избирачкиот список.

Запрашана за избор на членови на ДИК доколку е потребно бргу да се реагира и да се спроведе референдум во државата, Гугучевска кажа дека според Изборниот законик и Законот за референдум и други облици на непосредно изразување, референдум на национално ниво спроведува ДИК, но за изборот на членовите надлежно е Собранието.

– Во однос на изборот на ДИК, согласно Изборниот законик кој е на сила, распишувањето на оглас и избор на членови на ДИК е во надлежност на Собранието на Република Македонија. Комисијата сега има само една член, а целосно функционира стручната служба на ДИК која и формирана за организациско технички и административни работи на Комисијата, рече Гугучевска.

МИА

Коронавирус