среда, 20. октомври 2021. Вести денес: 157
home Вести

Пет дена до изборниот молк: ВМРО-ДПМНЕ денеска во Кичево, Крушево и Прилеп – СДСМ во Сарај и Ѓорче Петров

Пет дена до изборниот молк: ВМРО-ДПМНЕ денеска во Кичево, Крушево и Прилеп – СДСМ во Сарај и Ѓорче Петров

Во последната седмица пред изборите и помалку од пет дена до изборниот молк, лидерите на партиите и кандидатите за градоначалниците продолжуваат да ветуваат европска иднина, промени, зелена агенда, но и инфраструктурни подобрувања во сите општини во државава.

Промоцијата на „Создади нова иднина!“ на ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе се одржи во Кичево, Долнени, Кривогаштани, Крушево и во Прилеп.

Караванот на СДСМ денеска ќе биде во Могила, Сарај и Ѓорче Петров, а вечерва ќе се одржи граѓанска трибина и промоција на кандидатот за градоначалник и кандидатите за советници на Општина Карпош во големата сала во сала „Борис Трајковски“ во Скопје.

Зелената агенда на ДУИ ќе ја бара поддршката од чаирчани, Беса ќе има предизборни активности во Теарце.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев вчера од Крушево нагласи дека земјава е вратена на патот на интеграција кон ЕУ, а дека дома се вратени слободата и демократијата и дека е подигнат животниот стандард на граѓаните.

Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски пак од Ново Село на митингот на ВМРО-ДПМНЕ пред граѓаните рече дека кај Заев нема ништо европско и дека кога ќе слушнеле полна уста за Европа да веруваат дека повторно кажува една нова лага.

Според него, состојбата во сите сфери на економијата е катастрофална, а од политиките на власта најмногу биле погодени земјоделците, чие производство не се откупува, како што било со оризовата арпа, грозјето, јаболката и други земјоделски производи

-Затоа во тие говори на Заев кои се преполни со ЕУ нема да го слушнете зборот инфлација или нискиот стандард и нема да слушнете цената на млекото, на зејтинот, на брашното, споредено со минатата година е драматично зголемена, потенцираше Мицкоски.

На полноќ заврши рокот за пријавување за гласање на лицата со Ковид -19 или во самоизолација, откако тој рок ден претходно заврши за болните и немоќните. Овие лица, како и затворениците, лицата во притвор, во стaрските домови и внатрешно-раселените лица ќе гласаат ден пред изборите односно во сабота на 16 октомври. За утврдување на идентитетот и проверката дали веќе гласале, за нив нема да се користат уредите за биометриска идентификација, туку спреј и УВ ламба.

Локалните избори на 17 октомври ќе бидат седми од независноста досега, но трети на кои се избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје. Официјално кампањата за првиот круг од локалните избори почна на 27 септември, а завршува на 15 октомври на полноќ.

Најнови вести

Локални избори 2021