среда, 19. февруари 2020. Вести денес: 27
home Вести

Пешевска: Власта во изминатите три години предизвика низа на проблеми во општините

Пешевска: Власта во изминатите три години предизвика низа на проблеми во општините

Денес во собранието на Република Македонија на дневен ред е законот за изменување и дополнување на законот за безбедност и здравје при работа каде што пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Жаклина Пешевска упати низа критики и забелешки кон власта.

-За жал беа спомнати од претходните колеги говорници примери од влијанието на локалните шерифи и вие како власт парламентарното мнозинство имате посебна одговорност за она што се случува во државата, да пробате да ја промените ситуацијата, бидејќи тоа го ветувавте предизборно, мене многу ми е жал што колешката Шехпанска посочи еден таков случај каде имала лошо искуство со локален шериф, јас сум за најголема осуда за тие случаи но за жал од како дојдовте со ветување дека ќе се променат работите на подобро ние гледаме во државата во овие три години статус кво на секое поле, освен што пробавте да работите на надворешната политика но пак со тие според вас договори што сте ги постигнале предизвикавте низа проблеми а и не ја постигнавте конечната цел да имаме преговори за европската Унија, нагласи Пешевска.

Пешевска во понатамошната дискусија истакна дека за жал сведоци сме на низа случаи и предмети каде што се малтретирани работници или пак врз нив е вршен мобинг и психичко малтретирање а овие случаи најчести се во Општините низ Македонија.

– За жал сведоци сме и во сегашноста дека имаме низа случаи за жал некои се знаат, некои не, некои од вработените се охрабруваат да проговорат за нивниот прогон притисок а некои не се охрабруваат да проговорат и тие остануваат така да работат и да молчат, нормално е тоа кога нивната егзистенција е во прашање. За жал во изминативе месеци сведок сум на еден таков локален шериф кој што здравствените работници и тие кои што сакаат доблесно чесно да работат во државава да допринесат за здравјето на граѓаните тие се опструираат и не сакаат да продолжат договори, да дадат решенија за луѓе кои што не се од иста политичка провиниенција па тоа се смета за една од причините а не нивната стручност и квалитет како доктори или како сестри, посочи Пешевска.

Таа додаде дека за жал се уште не се искоренува таквото дејствување на некои локални шерифи, и посочи дека јавните функционери треба да бидат пример за тоа како треба да се однесуваат сите по хиерархија во општеството.

– За жал се уште сме сведоци на видео снимки кои се објавуваат по медиумите за тоа како градоначалници вршат мобинг врз вработени низ општините во Македонија- заклучи Пешевска.