вторник, 24. ноември 2020. Вести денес: 0
home Вести

Пендаровски: Вонредната состојба нема да го реши проблемот со коронавирусот

Пендаровски: Вонредната состојба нема да го реши проблемот со коронавирусот

По завршување на седницата на Советот на безбедност, претседателот Стево Пендаровски изјави дека се информирал за состојбата со ковид-19, која и била единствената точка на расправа на седницата на денешниот Совет. Претседателот оцени дека ситуацијата е исклучително сериозна, а нема да биде полесно ниту следните недели.

Апелираше граѓаните максимално да бидат претпазливи, одговорни заради себе и најблиските, бидејќи ситуацијата во следните недели ќе биде уште повеќе сериозна.

-Во однос на сетот на мерки за заштита, не постојат мерки кои се препорачани од Светската здравствена организација кои ги применуваат другите држави, а да не се применуваат и кај нас. Главно, мерките се исти, разликите се во нивото на почитување и нивото на имплементација на законите од страна на институциите, изјави Пендаровски.

На новинарско прашање во врска со вонредната состојба, претседателот одговори дека не било отворено тоа прашање.

-Уште во април кога прогласив вонредна состојба, апелирав Собранието да се состане. И понатаму мислам дека вистинско место за дискусија за таа тема треба да биде парламентот, додаде Пендаровски.

Тој потенцираше дека денеска да се прогласи вонредна состојба, нема да го реши проблемот. Исто така укажа дека полицискиот час не е поврзан со вонредната состојба, туку можна е измена на закон за кој има функционално Собрание. Но доколку има потреба, Пендаровски рече дека ќе одобри армијата да даде логистичка поддршка на онаа страна на системот каде што има потреба.

Коронавирус