среда, 25. ноември 2020. Вести денес: 102
home Вести

Пендаровски со честитка за 23 Октомври

Пендаровски со честитка за 23 Октомври

На овој ден се потсетуваме на основоположниците на македонското револуционерно движење, кои беа водени од праведни идеали и принципи што, во нашиот регион, беа пред своето време, нагласи денеска претседателот Стево Пендаровски во честитката упатена до граѓаните по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба.

Шефот на државата истакна дека тоа биле идеали за слободна македонска република, втемелена врз демократски принципи, во која ќе има соживот меѓу различните етнички, верски и јазични заедници.

-На нив се надоврзаа илинденците и антифашистите кои се бореа и се изборија за нашата слобода и државност, вели Пендаровски во честитката.

Денес, 127 години подоцна, додава тој, наша генерациска должност не е само да ги чуваме придобивките на нашите предци, туку и да го направиме следниот чекор.

-Да ја градиме Република Македонија во напредна европска држава со функционални и одговорни институции, со владеење на правото и со слободно и инклузивно општество, вели претседателот на државата.

Пендаровски напоменува дека годинава, празникот го одбележуваме во услови на глобална пандемија со КОВИД-19, која нè потсети колку е испреплетена нашата судбина и колку ние луѓето сме ранливи, независно од нашите етнички, верски, политички и социјални разлики.

-Овој предизвик што ги надминува нашите разлики е истовремено и можност преку солидарноста да постигнеме граѓанско помирување кое ни е толку непходно. Солидарноста мора повторно да стане наша врвна индивидуална и општествена доблест. Само ако се грижиме едни за други, само ако државата се грижи за секој свој граѓанин, ќе има надеж за Република Македонија, додаде претседателот во својата честитка.

Во рамки на одбележувањето на државниот празник, делегации од Кабинетот на претседателот денеска положуваат свежо цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк во Скопје и Спомен куќата на Петар Поп Арсов во с. Богомила.

Коронавирус