четврток, 20. јануари 2022. Вести денес: 118
home Вести

Пендаровски се обрати на 70 годишнината од основањето на Правниот факултет „Јустинијан Први”

Пендаровски се обрати на 70 годишнината од основањето на Правниот факултет „Јустинијан Први”

Претседателот Стево Пендаровски денеска на Правниот факултет во Скопје се обрати на Свечената академија, што се одржа по повод 70 годишнината од основањето на Правниот факултет „Јустинијан Први“ под покровителство на претседателот Пендаровски.

Во продолжение интегралнен текст од обраќањето на претседателот Пендаровски:

Почитуван Ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Почитуван Декан на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Почитувани професори, студенти, Драги пријатели,

Имам посебно задоволство и чест, како поранешен универзитетски професор, но, побитно, како поранешен студент на Правниот факултет „Јустинијан Први“, да го прославам заедно со вас, 70-годишниот јубилеј од неговото основање.

Правниот факултет во Скопје е вграден во темелите на современата македонска држава. Од овие аули потекнуваат луѓето кои учествувале во обмислувањето на правната, институционалната и политичката архитектура на државата. Правниот факултет „Јустинијан Први“ е alma mater на генерации правници, адвокати, судии, политолози, новинари и политичари кои оставија неизбришлива трага во нашиот правен и политички систем и воопшто, имаа влијание врз демократскиот развој на земјата. Со децении, дебатите за значајни општествени теми на Правниот факултет ја формираа насоката по која се движеше нашата држава и пред, а особено по независноста.

Факултетот е јадрото од кое произлегоа и многу познати и признати активисти за човекови права и слободи. До пред десетина години патрониот ден на Правниот факултет беше 10 декември, Меѓународниот ден на човековите права. Како главен носител на одбележувањето на овој ден, Факултетот и понатаму, секоја година, не потсетува дека човекот не постои заради државата, туку дека државата со сите нејзини институции, прописи и политики е создадена заради човекот. И дека морална обврска на секоја современа демократија е да го почитува вроденото достоинство на секој човек.

Правниот факултет беше и еден од пионерите во европските образовни реформи кај нас. Преку Болоњскиот процес, европскиот кредит трансфер систем и програмата Еразмус+, Правниот факултет им овозможи на студентите да бидат дел од единствениот европски образовен простор, да ги продлабочуваат своите знаења и да добијат нови вештини на европските универзитети.

Факултетот има плодна соработка со бројни високообразовни установи и институции во Европа и светот и членува во неколку важни меѓународни асоцијации, меѓу кои е и Мрежата на правни факултети на Југоисточна Европа – SEELS што веќе 10 години ја продлабочува регионалната академска соработка и преку која Факултетот се има вклучено во значајни меѓународни истражувачки и образовни проекти.

Имајќи го во предвид неговото долгогодишно постоење во времето и академските достигнувања, Правниот факултет „Јустинијан Први“ се етаблираше како еден вид стандард во областа на високото образование кај нас, особено во сферата на општествените науки.

Почитувани,

Сведоци сме дека новото време донесе и нови, големи предизвици и во областа на образованието. Првиот предизвик е сé понагласената конкуренција меѓу различните академски дисциплини. Во времето на четвртата индустриска револуција, сé повеќе млади луѓе, не само кај нас туку и во светот, својата иднина ја гледаат во професиите што произлегуваат од природните и техничките, наместо општествените науки. Пандемијата на Ковид-19 само го засили уверувањето дека професиите на иднината се во сферата на новите технологии и дигиталните услуги.

Вториот предизвик е конкуренцијата од другите, сродни факултети во странство. Дел од младите луѓе кои во 21 век се определуваат за политичките, правните или комуниколошките науки полесно се решаваат да студираат на странските универзитети наместо кај нас, пред се, заради полесен влез на пазарот на трудот.

Понатаму, генералниот и растечки проблем предизвикан од депопулационите бранови значи дека сé помалку млади се запишуваат на Правниот факултет во Скопје бидејќи сé повеќе млади се иселуваат од државава. Долгогодишните проблеми со надолните трендови на вложување во високото образование, структурната невработеност, хиперинфлацијата на дипломи, нискиот пласман на нашите универзитети на светските ранг листи се, исто така, дел од проблемот. Но, убеден сум дека една од главните причини за намалениот интерес за студирање право, политика и новинарство кај нас е токму состојбата во која се наоѓа правната држава и медиумскиот простор.

Изразената етнизација на политиката, партизација на институциите и честите примери на приватизација на јавниот интерес, изминативе децении доведоа до длабока криза на доверба на граѓаните во државата, во правниот систем и во медиумите. Сé помалку млади веруваат дека само со лични напори и посветеност ќе ја искачат скалата на успехот и ќе се реализираат во академска и професионална смисла. А кога луѓето ќе ја изгубат довербата во владеењето на правото, ја изгубиле најсилната врска со сопствената држава.

Почитувани присутни,

Големото наследство на Правниот факултет „Јустинијан Први“ со себе носи и голема одговорност. За да ја задржи својата релевантност, Факултетот мора да ги адресира најважните општествени прашања на модерното време, поврзани со иднината на демократијата, владеењето на правото, дезинформациите, функционалноста на институциите и борбата против корупцијата. Иако е неспорно дека интересот за општествените науки се намалува и на глобално ниво, добрите закони, јавните политики втемелени во јавниот интерес и моделите на демократско владеење се и остануваат да бидат од круцијално значење.

Како една од водечките академски институции, од Правниот факултет се очекува да промислува, предлага, јавно да објаснува и брани идеи и концепти кои ќе им помогнат на граѓаните подобро да ги разберат предностите од владеењето на правото, навременото и непристрасно информирање и воопшто, за значењето на доброто управување во денешниот глобален свет. Не смееме да губиме од предвид дека виталноста на демократијата зависи од демократската свест на граѓаните. Затоа, мора да се фокусираме далеку повеќе во промоција на културата на дијалог, меѓусебното почитување и граѓанското помирување. За да го постигнеме нивото на зрела демократија нужно е да вложуваме во образование втемелено во демократски вредности. Верувам дека во градењето на столбовите на таа култура на демократијата кај нас, Правниот факултет „Јустинијан Први“ ќе даде сериозен придонес.

Имајќи ги во предвид неговиот интелектуален и академски потенцијал, немам никаков сомнеж дека Правниот факултет може да придонесе за изнаоѓање на излезни решенија за многу од современите предизвици кои стојат на патот кон изградбата на праведно општество на слободни граѓани.

Почитувани,

Со оваа мисла, на самот крај, дозволете да ви го честитам големиот јубилеј и да ви посакам уште многу години успешна работа.

Ви благодарам.

Коронавирус