петок, 13. декември 2019. Вести денес: 0
home Вести

Пендаровски оствари средба со Шаленберг

Пендаровски оствари средба со Шаленберг

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска го прими Александер Шаленберг, сојузен министер за Европа, интеграција и надворешни работи на Република Австрија.

-На средбата претседателот Пендаровски ја истакна важноста на принципиелната поддршка на Австрија за аспирациите на Северна Македонија за членство во Европската унија. Во тој контекст, претседателот Пендаровски изрази очекување дека Европскиот Совет овој месец ќе донесе одлука за отпочнување на пристапните преговори за членство на Северна Македонија во Европската унија, што ќе биде силен импулс за натамошна реализација на суштинските реформи во државата до нејзиното идно членство во унијата, соопштуваат од кабинетот на Пендаровски.

Министерот Шаленберг посочи дека Австрија дава целосна поддршка на процесот на проширување, оценувајќи дека Северна Македонија испорача резултати и, како што рече, сега на ред е Брисел да испорача. Според министерот Шаленберг, позицијата на Австрија е јасна дека Европскиот Совет треба да даде зелено светло за почеток на пристапните преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ.

На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Република Австрија, кои годинава одбележуваат 25 години од воспоставувањето на дипломатските односи, како и за состојбите во регионот.

Пендаровски истакна дека Северна Македонија придава особено значење на развојот на билатералните односи со Австрија, која е најголем странски инвеститор во државата. Двајцата соговорници изразија задоволство од редовните средби на високо и на највисоко ниво. Во тој контекст беше оценето дека претстојната официјална посета на претседателот Пендаровски на Австрија е потврда на цврстото пријателство меѓу двете држави.