петок, 23. јули 2021. Вести денес: 0
home Вести

Пендаровски на средба со хрватскиот премиер Пленковиќ

Пендаровски на средба со хрватскиот премиер Пленковиќ

Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на официјалната посета на Република Хрватска, денеска во Загреб оствари средба со претседателот на Владата на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ.

На средбата беше изразено задоволство од развојот на билатералните односи меѓу двете држави и беше нагласен нивниот пријателски карактер, континуираната размена на билатерални посети и средби на високо и највисоко ниво, како и конструктивната соработка во различни сфери од заемен интерес.

-Истовремено беше оценето дека двете држави имаат одлична соработка на регионален и на мултилатерален план, со акцент на сојузништвото во НАТО алијансата, каде нашата држава е цврсто посветена на промовирање и споделување на заедничките вредности и одговорности. Во контекст на натамошното продлабочување на билатералната соработка, претседателот Пендаровски ја поздрави идејата за одржување прва заедничка седница на владите на двете држави, на која би се разговарало за идните насоки на соработка. Осврнувајќи се на последниот развој на настаните поврзани со интеграцијата на Република Северна Македонија во Европската Унија, претседателот Пендаровски изрази благодарност за принципиелната поддршка од Република Хрватска за неодложен почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ, соопштуваат од Кабинетот на Пендаровски.

На средбата беа разменети информации за тековниот процес на вакцинација против Ковид-19. Во тој контекст, претседателот Пендаровски се заблагодари за намерата хрватската влада да донира 10.000 дози од вакцината Астра Зенека за нашата држава.

Претседателот Пендаровски го истакна и интересот на нашата држава за интензивирање на економската соработка и трговската размена со Република Хрватска, за што постојат неискористени можности.

Коронавирус