четврток, 20. јануари 2022. Вести денес: 0
home Вести

Пендаровски денеска оствари средба со претставници на Националното здружение на медицински сестри, техничари и акушерки

Пендаровски денеска оствари средба со претставници на Националното здружение на медицински сестри, техничари и акушерки

Претседателот Стево Пендаровски денеска прими претставници на Националното здружение на медицински сестри, техничари и акушерки, на која беше информиран за нивните заложби во професијата, со нивните визии за здравствената нега и заштита, како и за предизвиците и проблемите со кои се соочуваат во нивната работа, особено во однос на едукацијата.

Како што соопштија од Кабинетот на претседателот, тие на средбата посочија дека се залагаат за унапредување на положбата на сестрите и акушерките во државата и нагласија дека инвестирањето во сестринството е одржлива инвестиција во здравството која придонесува за здравствена превенција како придобивка на граѓаните и општеството.

Претседателот Пендаровски истакна дека изминатиов период, од почетокот на пандемијата на Ковид-19, здравствените работници заслужуваат огромна почит за нивната секојдневна работа. Претседателот им оддаде признание и се заблагодари за нивниот севкупен ангажман и порача дека, како што пандемијата на Ковид-19 ја направи повидлива нивната професија, така очекува и поддршката од институциите во иднина да биде поизразена и посилна.

Претставниците на Националното здружение на медицински сестри, техничари и акушерки, кое е член на Светската здравствена организација и на Меѓународниот совет на медицински сестри, истакнаа дека лобираат на локално и национално ниво за да се развиваат политики со кои ќе се унапредува квалитетот на негата на пациентите и преку кои ќе се гради и вреднува важноста на сестрите и акушерките.

Оваа средба, стои во соопштението, се реализира во месецот во кој се одбележуваат два значајни датума за медицинските сестри и акушерки, 5 мај – Меѓународен ден на акушерките и 12 мај – Меѓународен ден на медицинските сестри. (МИА)

Коронавирус