среда, 2. декември 2020. Вести денес: 0
home Вести

 Папрадишката колонија  (Извадок од книгата „Дебар и дебарско низ историјата“ од Ѓорѓи Илиевски)

 Папрадишката колонија  (Извадок од книгата „Дебар и дебарско низ историјата“ од Ѓорѓи Илиевски)

За време на османлиското владеење, во административен однос Азот влегувал во Велешкиот кајмакам како оделна нахија, управувана од нахии – мудур со седиште во селото Богомила. Во највисокиот дел на планината Бабуна се наоѓа селото Папрадишта, населено врз урнатините на запустеното село Чеплес, до врвот Мокров се изворите на реката Бабуна. Реката Бабуна истекува од високите карпи и под село Капиново ги собира бујните бистри води на својата десна притока – Орешка Река, која извира од планината Даутица.

Папрадишта е населено во месноста Азот (Велешко) од бегалци од Дебарско, од пред околу 200 години. Преселниците главно се од селата: Лазарополе, Тресонче, Могорче и др. Откога престојувале во село Ореше, на некои им се допаднала близината на ова село и за една до две години, новото село веќе броело 15 куќи. Поради изобилството на папрад во месноста, селото го нарекле Папрадиште. Доселувањето било поединечно, се додека не се создало денешното село со околу 70 куќи, а доселенците биле сточари и градежни мајстори. Имало и ќаи со поголеми стада кои ги користеле пасиштата на Бабуна, до крајот на Балканските војни.

Мајсторите од овие села, како и дебранците  оделе на печалба низ Османлиската империја: Солун, Катерини, Серско, Јанина и др. Тие граделе цркви, конаци, мостови, џамии и кули. Имало мајстори специјалисти за повеќе работи. Меѓу овие градежници, архитекти и копаничари без училишна подготовка се мајсторите од родот на Рензовци, зографот од Папрадиште – Ѓорѓи Дамјанов Рензоски и други. Еден од поглавните мајстори бил Ѓеорги Новачевски-Џонгар. Како устабашија ја изградил црквата Св.Спас во Софија, црквата во Штип и др. Од Папрадишта имало и зографи. Познатиот род произлегува од Тресонче. Од тој род е велешкото семејство Зографови, кои ја работеле скопската црква Св.Богородица, и други катедрални објекти.

Селото Папрадиште е расположено во полите на јужната  страна на планината Бабуна, под високиот врв Солунска Глава. Нивите, градините и ливдите се под вода, во изобилство има и за пиење, потоа чист воздух, што ја прават климата пријатна и поднослива. Куќите се здрави, и се изградени од камен на два ката, а се покриени со плочи и керамиди. Тие се цели замоци за одбрана од разбојнички напади. И тука дебраните не биле спокојни од таквите напади. Од еден таков напад во 1884 година, целото село изгорело. Разбојниците биле Албанци од кичевското село Зајас и од прилепското село Црнилишта.

Селската црква Св.Петар и Павле е изградена од Георги Џонгар. Тој по потекло е од Тресонче ( и е прапрадедо на софискиот адвокат Димитар Марковски). Во црквата служеле двајца свештеници:прво Илија Тренчев, а по него Хр.Делов и Ив.Аврамов. Исто така работело и училиште од старо време, а месни учители биле Антон Галев и Христо Попов.

Говорат на папрадиштани и е зачуван чисто дебарски, а исто така, зачувана е и носијата. Мажите со бечви, кепе и кече на главата, а жените во убава дебарска и малореканска облека со силни црвени и циноберови цветови. Женидбите се случувале само меѓу жителите во селото. Свршувачките и свадбите тука се измениле од дебарската традиција. Така, мајсторите печалбари се свршувале и женел од есента до крајот на зимата, а сточарите преку летото, кога се прибираат од трлата. Сите други обичаи и други празници се зачувани од старо дебарско време.

Северозападно  од Битола, на падините на Бигла Планина се наоѓа селото Смилево. Тоа почнало да се населува пред околу 200 години. Старото Смилево било мало место и населено со Брсјаци. Но со тек на времето дојденците Мијаци станале доминантни. Причините за иселувањето на овие Мијаци од Дебарско и нивното преселување во Смилево лежат во злосторствата од разбојничките албански банди.

Прво околу 30 до 40 семејства ги напуштиле своите куќи и дошле во денешно Смилево, го откупиле земјиштето и се населиле. Постепено почнале да пристигнуваат и други бегалски семејства. Така од  првите неколку колиби, со тек на времето, селото за време на Илинденското востание броело околу 400 куќи. Повеќето од нив биле високи, двокатни, светли, изградени од самите смилевчани, кои како и повеќето дебранци се занимавале со градителство.

Говорот во Смилево е мијачки од Дебарско. Обичаите и песните, исто така, како во областа Мала Река.  Обичаите, обредите и песните не се заборавени, напротив зачувана е првичната чистота благодарение на конзервативизмот на населението, кое  го чува сето наследно од прадедовци. Смилевчанецот се одликува со некаков вроден аристократски дух. Тој е природно буден, енергичен, приемчив, со стремеж кон образование, смел и со постојан стремеж за слобода. Така може да се објасни зошто Смилево стана центар на револуционерното движење во Битолско. Смилево го роди апостолот на Македонската револуција организација – Даме Груев. Таму се одржа Конгресот на Битолскиот револуционерен  округ  во 1903 година,  и оттаму се разнесе моќниот повик за борба и пресметка со вековната тиранија.

Смилево стана центар на Илинденското востание и си го впиша своето име во историјата. По задушувањето на востанието и опожарувањето на селото, еден дел од населението било принудено да побегне во Битола и околните гори, од каде подоцна некои  побегнале во Бугарија. Сепак, мнозина од нив повторно се вратиле во селото, ги обновиле своите куќи и повторно заживеале според старите традиции.

                               Дебарските преселници во Крушево

Крушево е расположено во пазувите на западните ограноци на  Баба Планина и Бушова Чешма, на надморска височина од 1250 метри. Тоа е опколено со густа букова шума, која месното население ја вика Коријата. Во Османлискиот период, градот административно припаѓал кон Битолскиот вилает, а црковно и припаѓал на Охридската епархија. Градот е формиран од Каракачани и бегалци од градот Москополе, на кои им се придружиле и бегалци од Дебарско, прогонети од албанските банди. Првите преселници, според преданието, се: Илковци од Лазарополе, Силјановци од Тресонче, Осојковци од Осој, Гарци од Гари, Аврамовци од Галичник, Грковци од Сушица, Максимовци од Гари.  Сите тие дошле од дебарската област – Мала Река. Нивната  преселба  била постепена, додека бројот достигнал до 400 куќи, со околу 2000 жители. Местото каде што се населиле бил беговски чифлик, познат под името Крушата, од каде што градот денес се вика Крушево.

Преселниците од дебарските краишта биле ќаи, со големи стада од овци и крупен добиток.  Меѓу нив имало преселници и од големите христијански села: Староец, Грево, Мелане, Илиница, Трново и други коишто потекнуваат од полите на  „ Два браќа планина“. Оваа богата земја и пасишта се наоѓа во Дебарската област – Долни Дебар. Наспроти развиениот стопански живот во својот стар крај, поради притисоците и зулумите од албанките разбојници, тие биле принудени да емигрираат, кој каде може да појде. Меѓу нив имало и богати ќаи кои со стадата тргнале на долгиот пат кон областа Мала Река, која што имала убави пасишта за овците. Но, не за долго, и таму престојот им бил нарушуван од бандите.

Според преданието, не поминале 20 години на албанските разбојници и тука продолжиле да ги ограбуваат и да ги опустошуваат нивните имоти. Поради  тоа тие заедно со месното население биле принудени да бегаат и да бараат нов простор за населување.

Дебарската маала го зазела западниот дел на Крушево, во која биле изградени ниски куќи, наспроти двокатните куќи покриени со плочи, што ги имале  во своите родни места.  Меѓутоа, разбојничките напади не изостанале  ниту во Крушево. Дебарските албански банди, навикнати на грабежи на стока, стигнале дури до Крушево, поради што почнало да опаѓа сточарството. Поради тоа, сите дебранци го напуштиле сточарството и се оддале на мајсторство и тргнале на печалба во Серско, Драмско, Кавала, други места. Тие го напуштале Крушево  кон  есента и зимата, а се враќале кон летниот Св.Никола. По ослободувањето на Бугарија, еден дел оделе на печлба во оваа земја, а помалку во Србија. Така сето машко  работоспособно население се занимавало со печалбарство бидејќи немало други  услови за економски опстанок во Крушево. Притоа  старите традиции момчињата да се женат само за дебранки, веќе биле нарушени. По Илинденското востание тие почнале да се женат и за Влаинки. Свршувачките и свадбените обичаи се одвивале според дебарските принципи, од Петровден до Илинден. И носијата им била чисто дебарско – реканска, како на жените така и на мажите. Тоа продолжило до 1903 година, а отогаш почнала и влашката носија – фустани и пантолони.

Верските обреди и празници во прво време ги одржувале во градската црква Св.Никола, која била патријаршиска, но еднаш во годината и тоа на Велигден се пеел на старословенски „Оче наш“.  Вредните раце на дебранците во 1868 година ја изградиле новата црква „Успение на Св.Богородица“ во својата маала, каде што свештенодејствувал поп од Струга. Но, веќе почнале и борби за службата со петријајаршиските владици, за богослужба на мајчин јазик. Веќе до 1870 година, се се стекнале со право  на одделна Црковно-училишна  општина. Притоа основното училиште работело во приватни куќи. Дури во 1885 година, била подигната посебна училишна зграда.

Крушево испиша светли страници за македонската историја за на Илинденското востание. Градот ја издржа херојски освоената слобода цели 12 дена, позната под името Крушевска Република. Малкуте крушевски востаници храбро го бранеа суверенитетот и слободата наспроти 10.000-та армија на Бахтијар-паша. Така Илинден 1903 година, стана симбол на непокор и го прослави името  на Крушево во целиот свет.

( Извадок од книгата Дебар и дебарско низ историјата,издадена од МЦСП,Свети Николе, 2018 од Ѓ.Илиевски)

Коронавирус