среда, 15. јули 2020. Вести денес: 59
home Вести

Пановски: Држава која не може да ја контролира целата територија не може да се справи со епидемија

Пановски: Држава која не може да ја контролира целата територија не може да се справи со епидемија

Природно е луѓето да бегаат од жариштата со корона вирус – вака микробиологот доктор Никола Пановски ја правда вчерашната одлука на илјадниците скопјани кои за два часа го испразнија главниот град и заминаа во внатрешноста. Вели опасност да се прошири вирусот нема само под услов да се почитуваат строгите правила – носење маски и социјална дистанца.

Ако се по викендички и ако не одат по гости, нема апсолутно никаква опасност да ја рашират болеста, ако не одат по ресторани и почитуваат мерки. Мислам дека во Охрид не работат хотелите, не работат приватни сместувања, отидоа тие што имаат станови таму. Се надевам дека не одат по гости кај пријатели, тоа не би било добро“, вели доктор Пановски.

Пановски е на став оти пикот на заразата допрва доаѓа. Вели новодијагностицираните пациенти се последица на непочитување на мерките во одделни скопски населби и додава оти држава која не може да си ја контролира целата територија не може да се справи ниту со епидемија.

Не смееше да се случи олеснување на мерките, ниту целосно укинување на полицискиот час. Тој требаше да си остане барем од 22 до 5 часот. Ова сега е последица на непочитување на мерките во одделни скопски населби. Држава која не може да си ја контролира целата територија не може да се справи со епидемија, додава тој.

На социјалните мрежи лавина реакции по последните одлуки на владата за селективен полициски час. Професорот по кривично право Гордан Калајџиев преку социјалните мрежи побара оставка од министерот за здравство Венко Филипче и од Комисијата за заразни болести.

Нов состав на Комисијата побара и докторот по општа медицина Ненад Лазаров, кој смета дека таа треба да работа во функција на здравјето, а не во интерес на политиката.