сабота, 4. декември 2021. Вести денес: 0
home Вести

Пандемијата во Македонија повторно зема залет: Бројот на активни случаи се зголеми за речиси 10%

Пандемијата во Македонија повторно зема залет: Бројот на активни случаи се зголеми за речиси 10%

Во ковид-статистиката вчера, како и претходните викенд денови, беше забележан пад на бројот на заразени во однос на направени тестирања. Од 1.514 тестирања, беа регистрирани 135 нови случаи или околу девет проценти. Во работните денови, тој процент се движи од 10 до 16. Од друга страна, забележан е пораст на активните случаи во последните пет дена. На 20 октомври имало околу 5700 активни случаи, а вчера беа регистрирани околу 6.200.

Вчера беа регистрирани и 11 починати лица, како и 330 оздравени пациенти.

Досега во земјата се направени вкупно 1.366.002 тестирања на Ковид-19. Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 199.901, бројот на оздравени пациенти е 186.652, на починати е 7.062, а на активни случаи изнесува 6.187.

Според епидемиолошки анализи во моментов, во Скопје се половината од активните случаи или 3190. Следи Куманово со 446 активни, Велес – 309, Прилеп – 245, Битола – 201.

Државните здравствени институции продолжуваат со вакцинација на населението против Ковид-19. Во државата се вакцинирани над 800 000 граѓани. Воедно, над пет илјади граѓани примиле трета анти ковид доза на вакцината.

Од популацијата над 40-годишна возраст ревакцинирани се 54 отсто, а 33 проценти од лицата од 18 до 39 години примиле најмалку една доза вакцина, велат од МЗ. Опфатот со вакцинација со една доза вакцина на полнолетната популација е 57 отсто, а со две дози опфатени се 46 проценти од граѓаните над 18 години.

Според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од целата популација во земјава е вакцинирана, а 35 проценти од жителите примиле две дози вакцина.

Коронавирус