среда, 23. септември 2020. Вести денес: 42
home Вести

Панчевски: Господ нека е со вас жители на Куманово, Македонија е со вас!

Панчевски: Господ нека е со вас жители на Куманово, Македонија е со вас!

КУМАНОВО 2020 г.

-После слободарската пушка која пукна во Куманово 1941 година (11-Октомври) против бугарскиот окупатор, над овој град повторно надвиснува мрачната историја со сите премрежја од едно минато време, ако во тие минати и тешки времиња кумановчани живееле тешко и скромно под силниот терор на бугарските квислинзи, денес ѓаволот се врати по своето! пишува судијата Владимир Панчевски на својот ФБ профил по избрзаната одлука на Владата да го стави градот во карантин, чин кој можеше да биде навремено соопштен и испланиран, без да предизвика хаос во градот и кај Кумановци.

-„Многу жртви, судбини на семејства паднаа од овој македонски град и повторно сме на почетокот…

Од 1941 година до денес се поминати нецели 80 години, кои по ликот на градот многу не оставиле разлика од тие дамнешни времиња до денес, особено последниве 30 години, Куманово опстојува онака опустошено од транзицијата и најголемиот број стечајци во Македонија. Судбината на нивните семејства можеше да има и друга посреќна животна приказна но таа си поигра со нивните животи и среќа. Куманово денес нагрдено од урбаната мафија на модерните “партизани” кои го освоија и пустошеа со години наназад. Градот со “диво насеље” Куманово, град на фабриките Житомел, Тутунски Комбинат, гигантот ЗИК -Куманово, КЕН, Циглана, ЧИК, Киро Фетак, Кожара, Биброк, Бисерка, Искра , Тракторска, Текстилпромет, Нама , Лимарско, Пелагонија, Маврово, Техника едно време извор на живот и среќа на многу семејства, денес едно ништо…разграбано од политичката мафија…

Куманово од поново време град на печалбари “трбухом за крухом”, по базите на Авганистан со главата во торба. Град на најмногу шпедиции и шофери. Можеби единствен град во светот каде има населба со луѓе кои живеат среде река опкружена од депонија и бараат азил во Германија. Единствен град каде на само 2 километри на едно место има возила од по неколку стотини илјади евра кои во исто време стојат на семафор со запрежна кола.

Куманово градот колевка на техничкиот!

Куманово градот каде лани еден човек преку четири фирми во кои директно или индиректно е сопственик (и) или менаџер направил приход што надминува 100 милиони евра?!

Куманово градот кој прв ја даде жртвата од Корона вирусот и град каде епидемијата највеќе се прошири!

Нашето историско Куманово после 80 години доживува полициски час од непрекинати 56 часа луге затворени по дома, секој со својата тажна или среќна судбина!

Знам дека мерките на Владата нема да ви помогнат, епидемијата нема да се спречи туку само бројката ќе се одложи, бидејки полицискиот час ќе ве остави сами на себе! Да, можете да му се јавите на матичниот, но и тој не работи викенд е, не работи ни брзата помош ако ви е неопходна, нема да работат ни продавниците ако од паника заборавивте или не успеавте да купите млеко, леб и други нај нужни продукти! Ако сте сами не паничете бидете смирени и ова чудо ќе помине, ако сте со своите гушнете ги онака силно како за последен пат, секако не дека е последен туку дека со вас се единствено оние кои вредат во вашиот живот и кои ќе ве прифатат какви и да сте и секогаш ќе застанат зад вас, се друго е ветер и магла!

Господ нека е со вас жители на Куманово, дали сте сами или со своите семејства, дали имате се што ви треба или не, дали сте гладни жедни, со кров на главата или бездомни, дедовци и баби, мажи и жени, деца, вие сте наши македонци, овие денови ќе се молиме да бидете добро, Македонија е со вас!

Во чест на моите пријатели од Куманово,“ пишува Владимир Панчевски

Коронавирус