понеделник, 23. ноември 2020. Вести денес: 130
home Вести

Оваа година граѓаните ќе плаќаат поскапа вакцина против сезонски грип

Оваа година граѓаните ќе плаќаат поскапа вакцина против сезонски грип

Наместо во време на пандемија и економска криза да се прават напори како да им се олесни животот на граѓаните, се чини дека властите уште еднаш удираат по џебот на оние на кои им е најтешко.

Имено министерството за здравство објави дека оваа година граѓаните кои ќе мора да се вацинираат за обичниот сезонски грип, ќе треба вакцината да ја платат за 150 денари повеќе од лани. Поточно, оние кои што ќе сакаат да се имунизираат, а не спаѓаат во ризичните категории на граѓани, ќе треба да платат 800 денари, што е за 150 денари повеќе во споредба со лани кога вакцината чинеше 650 денари.

Од министерството за здравство се правдаат дека поскапувањето се случува поради набавната цена која оваа година е повисока.

„Покачувањето на цената на вакцината за разлика од минатата година е поради фактот што сега набавната цена на истата е 650 денари, а 160 денари се манипулативни трошоци (потрошен материјал)“, велат од Министерство за здравство, пренесува 24 ТВ.

Граѓаните за 24 ТВ го изразија нивниот револт велејќи дека не е во ред во услови на пандемија вакцината да поскапи.

„Осумстотини денари е многу за оваа криза. Јас сакам да се вакцинирам, но се уште нема ниту вакцини каде да се вакцинирам“, вели еден граѓанин.

Друг изреволтиран граѓанин додаде:

„Јас шест години се вакцинирам, ама 800 денари е многу, сега ќе размислам. Беше 400 денари па 600денари па сега 800 денари тоа е многу“.

Инаку од министерството за здравство информираат дека вакцините ќе пристигнат следната недела, по што граѓаните ќе може да си закажат термин кај матичниот лекар.

Додека пак епидемиолозите апелираат граѓаните да се имунизираат со оглед на епидемијата со коронавирусот со што како што велат ќе се намали и ризикот од компликации од другите вируси, а со тоа ќе се спречи и оптеретувањето на болниците.

Коронавирус